Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Брутална измислица на антимакедонската СДС е дека Мицкоски ја покачил струјата
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како ескалира енергетската криза во Македонија, како излегува на виделина криминалот и неспосoбноста на власта на Ковачевски, така антимакедонската СДС станува се понервозна. Заради тоа нивните лаги стануваат се побесмислени, велат од оваа партија.
„Брутална е измислицата дека Христијан Мицкоски ја поскапел струјата. Вистината е дека Ковачевски купува струја 30% поскапа од HUPX, додека претседателот Мицкоски како директор набавуваше 40% поевтина струја за народот. Очигледно има разлика. Втор факт е дека домашното производство на струја во време на антимакедонската СДС е намалено за 3 терават часови. Трет факт е дека енергетски капацитети во моќност од 400 до 500 мегавати стојат неискористени, затоа што не се направени навремени откривки на јаглен и не се подготвени соодветно за надоаѓачката криза“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Четврт факт, како што појаснуваат е дека компаниите во Македонија сега плаќаат и до 800 евра за мегават-час, што е поскапо од сите компании во регионот, со што стопанството губи над 1 милион евра дневно плаќајќи вакви цени.
Петти факт, додаваат е дека со Ковачевски народот плаќа 50% поскапа струја, а фирмите и до 400% повеќе во однос на лани, а во време кога Христијан Мицкоски беше директор на ЕЛЕМ цената на струјата се намали.
„Шести факт е дека со увозот, владата на Ковачевски овозможува профити на поедини трговци, кои за неколку дена заработуваат и до 600.000 евра. Седми факт е дека, во време на антимакедонската СДС Компаниите ЕЛЕМ (ЕСМ) и МЕПСО станаа најголеми загубари во државата. Осми факт е дека со тргувањето на ноќните вишоци на струја кадрите на СДС за само 25 часа направиле штета од близу 10 милиони денари. Девети факт е дека владата предводена од антимакедонската СДС толерирала кражба на струја во износ од десетици милиони евра годишно, кои потоа се наплаќаат од граѓаните кои се редовни плаќачи на сметки. Десети факт е дека компаниите кои се оставени на цедило од власта на Ковачевски поради неподносливите цени на електричната енергија најавуваат стопирање на работата или нивно селење во други земји, што би било погубно за македокската економија“, информираат преку нивното соопштение.
Ова, како што истакнуваат, е само дел од катастрофалните резултати кои ги предизвика неспособноста и криминалот на власта на КОвачевски и антимакедонската СДС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

