Економија
(Видео) Димковски: Со грижа за земјоделците и одговорни политики обезбедивме храна во време на глобална криза
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/04-09-2022-Димковски.jpg)
Ииницијативата „Отворен Балкан“ донесе уште една голема придобивка за нашите граѓани, како и граѓаните од трите соседни држави. Во време на глобална економска и енергетска криза обезбедена е храна за очекуваната најтешка зима по Втората светска војна со взаемна помош, истакна на денешната прес-конференција, Трајан Димковски, член на Комисијата за земјоделие на СДСМ.
„Со потпишување на договор создадени се и правните механизми, нема да има прекин во снабдувањето со храна меѓу земјите, што е од исклучително значење во време на најголема криза. Со него се гарантира дека ќе се обезбедат стратешки култури, како пченица, пченка, јачмен, млеко, месо, ориз, зејтин, во доволни количини за граѓаните на овие три земји. Политиките на СДСМ во една од нашите клучни гранки, земјоделството, даваат реални резултати. Домашното производство на стратешки култури го стабилизираме и го зголемивме“, вели Димковски.
Како партнери на земјоделците, додава тој, даваме силна и директна финансиска поддршка на секој земјоделец. За над 45.000 земјоделци се обезбедени 3,2 милијарди денари или над 50 милиони евра.
„2022 година е година во која државата до денар ги расчистува долговите према земјоделците, што не се случило цели 16 години. Но, и година во која за прв пат започнува авансна исплата на субвенциите. Со оваа мерка земјоделците ќе можат веднаш по аплицирањето да добијат до 30% од вкупната вредност на финансиската поддршка. Оваа година со авансна исплата започнуваме за субвенциите кон овоштарите, за што обезбедивме 150 милиони денари, а веќе од следната година авансна исплата добиваат сите земјоделци“, појаснува членот на Комисијата за земјоделие на СДСМ.
Дополни дека ќе следи поддршка и за есенската сеидба со дополнителни 500 милиони денари, нови средства за Интервентната програма.
„Граѓаните треба да бидат спокојни, ќе биде тешка зима но криза за храна и основни продукти нема да има, а земјоделството ќе продолжиме да го развиваме во интерес на сите земјоделци и сите граѓани“, уверува Димковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Министерот Дурмиши одржа средба со косовскиот амбасадор
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_449947940_1063515235211848_2262756623624084505_n.jpg)
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши оствари средба со амбасадорот на Република Косово во нашата држава Флоријан Ќехаја
Амбасадорот упати честитка до новата Влада и до министерот Дурмиши за неговото преземање на фунцијата министер за економија и труд.
На средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на билатералната и регионалната соработка.
Министерот Дурмиши изрази очекување дека позитивниот тренд во развојот на економските односи со Косово, како наш значаен трговски партнер, ќе продолжи и во иднина.
Економија
За 450 евра минимална плата ќе се разговара на првата седница на економско-социјалниот совет, најави министерот Дурмиши
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/besr-durmisi2.jpeg)
Барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра новиот министер за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека ќе се разгледува на првата седница на економско-социјалниот совет. Министерот Дурмиши не кажа за кога е планирана првата седница, но уверува дека на дневен ред ќе бидат сите отворени прашања и од сидикатите и од работодавците.
„Во рамките на економско-социјалниот совет, со кој сега ќе претседавам јас како министер за економија и труд, кое е највисоко тело составено од претставници и од синдикатите, и од работодавците, и од Владата, ќе почнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавците. Со реорганизацијата што се прави сега со новата Влада ќе се формираат нови членови и ова прашање на првиот состанок ќе биде ставено на маса за дискусија. Кака Влада од особено значење ни е социјалниот дијалог, односно вклучување на сите засегнати страни при креирање на новата мерка за ова прашање. Мора да ги имаме предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис-секторите“, рече министерот Дурмиши.
Тој извести дека во меѓувреме продолжува процесот за подготовка на новиот закон за работни односи и законот за безбедност при работа. Дурмиши извести дека од денес па натаму ќе се посвети преку креирање мерки да почне нов циклус за економско заживување на државата и подобрување на работничките права.
Со новата реорганизација главен фокус на Министерството за економија и труд ќе биде засилена поддршка на индустријата, креирање мерки за микро, малите и средните компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршката на работодавците, креирање мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.
Ќе продолжи финансиската поддршка за инвестициите за домашните и странските компании регулирана со Законот за финансиската поддршка, кој е во надлежност на ова Министерство.
„Планираме постапката и условите за добивање државна помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите за конкурентна предност“, вели министерот Дурмиши.
Во наредниот период Дурмиши најави дека ќе поднесе барање до Државниот завод за ревизија за целосна ревизија на работењето на Министерството за економија почнувајќи од 2015 година кога последен пат е направена целосна ревизија на работењето на Министерството од страна на Државниот завод за ревизија. Целта на ревизија е и тие и јавноста да видат како се работело во време на претходната власт.
Економија
Димитриеска-Кочоска – Ангеловска-Бежоска: Координираниот пристап во водење на монетарната и фискалната политика фактор за макроекономска стабилност и економски раст
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/kocoska-bezoska.jpg)
Меѓусебна соработка и координиран пристап во спроведување на фискалната и монетарната политика е клучот за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност. Ова беше констатирано на денешната средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
Министерката Димитриеска-Кочоска на средбата потенцира дека Министерството за финансии ќе води фискална политика насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација и подобрување на управувањето на јавните финансии и одржување високо ниво на капитални расходи. „Фискална политика“, додаде, „која ќе биде во функција на економскиот раст, во услови на умерено и одржливо ниво на дефицит и јавен долг“.
Очекува дека добрата координација на монетарната и фискалната политика заедно со одржувањето умерен буџетски дефицит и стабилност на девизниот курс ќе придонесат кон намалување на инфлацијата којашто се очекува во периодот 2025-2028 година да изнесува помеѓу 2% и 2,5% на годишно ниво.
На средбата од страна на министерката беше посочено дека Владата ќе ја почитува независноста на Народната банка и очекува дека таа преку навремени мерки и активности ќе одржува ниска инфлација, стабилност на девизниот курс и ќе се грижи за ефикасен и стабилен финансиски систем.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ѝ го честиташе стапувањето на функција на министерката Димитриеска-Кочоска и ја истакна заложбата за координирање помеѓу монетарната и фискалната политика заради задржување на макроекономската стабилност.
„Ефикасната соработка помеѓу монетарната и фискалната политика е од витално значење за надминување на економските предизвици од денешницата и за поттикнување одржлив раст. Во услови на глобална неизвесност, усогласувањето на овие политики е исклучително важно за стабилизирање на инфлацијата на трајна основа, за поддршка на инвестициите и на вработеноста. Со овој координиран пристап се зајакнува економската отпорност и на преден план се става стабилноста во окружувањето коешто постојано се менува“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.