Свет
Двајца напаѓачи убиле 10 лица, а повредиле најмалку 15 во Канада
Канадската полиција во неделата соопшти дека трага по двајца осомничени за кои се верува дека избоделе 10 лица до смрт и раниле најмалку 15 лица во провинцијата Саскачеван.
Полицијата ги именуваше Демиен Сандерсон и Мајлс Сандерсон (Мајлс) како двајца од осомничените и рече дека патувале со црн „нисан рог“.
Убодите со нож биле пријавени рано утринава по локално време, а полицијата издала тревога за опасно лице низ провинцијата.
До попладневните часови слични предупредувања беа издадени во соседните провинции Алберта и Манитоба.
Ронда Блекмор, командант на канадската кралска полиција во Саскачеван, рече дека властите не знаат дали осомничените ги смениле возилата.
– Нивната локација и правецот на патување се непознати. Страшно е тоа што денеска се случи во нашата провинција – изјави Блекмор.
Таа рече и дека полицијата сè уште е во почетна фаза на истрага, дека се обидува да ја утврди врската меѓу двајцата осомничени и дали ѝ биле познати на полицијата. Таа не можела да ги наведе мотивите за нападот.
Нападите се случија на повеќе локации, а полицијата истражува 13 места каде се пронајдени или мртви или повредени лица.
Полицијата соопшти дека се чини дека некои од жртвите биле цел на осомничените, додека други биле нападнати по случаен избор.
Во потрагата по осомничените полицијата ангажирала дополнителни сили, пренесе Аваз.ба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.
Регион
Вучиќ: Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваше на парастосот во Храмот „Свети Сава“ во спомен на 16-те жртви кои загинаа при пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
„Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија. Шеснаесет животи беа изгубени. Денеска за секој од нив палиме свеќа, молејќи се во тишина и верувајќи дека нивните имиња и спомени ќе останат засекогаш во нашите срца,“ напиша Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека во вакви моменти најважно е Србија да остане достоинствена и обединета:
„Без тешки зборови и поделби, во тишина да упатиме молитва за загинатите. Нека нивните имиња бидат потсетник дека човечкиот живот е над секоја поделба,“ порача Вучиќ, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.
Регион
(Видео) Десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите на железничката станица во Нови Сад
Десетици илјади луѓе се собраа во Нови Сад, Србија за да им оддадат почит на оние што загинаа кога се урна кровот на железничката станица пред точно една година.
Во 11:25 часот по локално време – моментот кога се случи инцидентот во вториот по големина град во Србија – учесниците на комеморативниот собир одржаа молк кој траеше 16 минути, по една минута за секоја од 16-те жртви.
NOVI SAD ❤️🩹
01.11.2025. pic.twitter.com/MTSRNb4YAx
— Shonetin (@kaonikotinn) November 1, 2025
Српските студенти – главните иницијатори на протестите кои бараат правда за одговорните за инцидентите нагласија дека ова е мирен собир и ги повикаа оние кои сакаат да се приклучат да дојдат без свирежи или транспаренти и да почитуваат тишина. Луѓето се собраа на сите главни патишта, плоштади, пазари, како и во студентскиот град.
Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

