Економија
НБРМ: Стабилноста на денарот е успешно одржана, банките отпорни на шокови
Стабилноста на финансискиот систем беше одржана успешно и во 2021 година, при што речиси сите сегменти од финансискиот сектор остварија забрзан раст. Банкарскиот систем како главен дел од финансискиот систем ја задржа својата сигурност, а со носењето на макропрудентните мерки во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот дополнително се зајакнува неговата отпорност на шокови. Стабилноста на девизниот курс како клучен предуслов за финансиската стабилност беше одржана успешно, со што уште еднаш се потврди цврстата определба на Народната банка за доследно спроведување на стратегијата на фиксен девизен курс за што гарантира и соодветното ниво на девизни резерви. Ова се наведува во извештајот за финансиската стабилност за 2021 година, кој беше усвоен на редовната седница на Советот на Народната банка.
Народната банка од март 2022 година почна со постепено зголемување на основната каматна стапка, со што се придонесува за смирување на инфлациските очекувања и одржување на среднорочната ценовна стабилност.
Пазарот на недвижности се покажа како отпорен на неповолното влијание на пандемијата. Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година. Растот на станбеното кредитирање втора година по ред придонесува за речиси половината од растот на вкупниот долг на домаќинствата, кој и во 2021 година се зголемуваше со забрзана стапка на раст, која сепак беше пониска од растот на номиналниот БДП.
Банкарскиот сектор добро се справи со ризиците од пандемијата и е подготвен да одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт. Кредитното портфолио е здраво и стапката на нефункционални кредити бележи подобрување во однос на претпандемичниот период. Кредитниот раст забрза поддржан од растот на депозитите и беше речиси еднакво насочен кон домаќинствата и кон корпоративниот сектор. Отпорноста на банкарскиот сектор се потврдува и со редовните стрес-тестови, кои покажуваат дека банките се отпорни на можни шокови.
Капитално финансираното приватно пензиско осигурување и во текот на 2021 година остваруваше раст на акумулираните средства и забележа подобар принос од инвестирањето, но реалниот принос за период од седум години се намали. Во структурата на средствата на пензиските фондови и натаму преовладуваат вложувањата во должнички финансиски инструменти, а изложеноста на ризици го нагласува значењето на кредитниот ризик и ризикот од промена на цените на странските сопственички инструменти.
Осигурителниот сектор во 2021 година закрепна од шокот на пандемијата и оствари раст на активностите, притоа задржувајќи ја високата солвентност.
Другите финансиски институции (штедилниците, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и финансиските друштва) и натаму се со мал обем на активности и засега имаат многу ограничено значење како извор на системски ризик за финансиската стабилност.
Предизвиците за домашниот финансиски сектор во следниот период главно произлегуваат од зголемената геополитичка нестабилност и ризиците за инфлацијата и за економската активност поврзани со тоа. Важно е што банките имаат способност за апсорбирање на ризиците и се отпорни на шокови. Народната банка и во следниот период ќе биде подготвена за преземање соодветни мерки доколку оцени дека е потребно за да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, како и севкупната финансиска стабилност, се истакнува во извештајот.
Покрај извештајот за финансиската стабилност, Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои и етичкиот кодекс, со кој се утврдуваат принципите врз кои се темелат независното работење, доброто управување, професионалните стандарди, достоинственото работење, транспарентната комуникација со јавноста, односно професионалната и деловната етика за успешно и ефикасно извршување на работата на Народната банка. Целта на овој кодекс е одржување висок степен на професионално и етичко однесување при спроведувањето на целите и задачите на Народната банка од страна на членовите на Советот и вработените на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

