Македонија
(Видео) Ковачевски – Маричиќ: Усвоената преговарачка структура е клучен следен чекор во евроинтеграцијата
Денес, Владата на Република Северна Македонија ја донесе одлуката за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија. За ова и за другите заклучоци подетаљно ќе ве информира вицепремиерот задолжен за европски прашања, кој воедно, во согласност со одлуката на Владата, ќе биде и главниот преговарач за што му посакувам многу успех и секако очекувањата се амбициозни за него и неговиот тим. И јас и вицепремиерот сме сложни за ова прашање, преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и да се затворат што е можно побргу, изјави на денешната прес-конференција премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека со одржувањето на првата меѓувладина конференција направивме историски чекор во стратешка смисла, ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за кои се залагаме. Преговорите официјално почнаа, а со тоа се наметна потребата што побргу да се направи концепт за преговарачката структура во согласност со новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ.
Ковачевски наведе дека преговарачката структура што ја усвоивме денес ќе биде поддржана и од експерти, државни службеници, кои со години работат на ова поле, а секако ќе се надградува и со експерти и стручни лица надвор од институциите, но и надвор од државата, кои имаат искуство со водење преговори и пристапување други држави во ЕУ. Нашата заложба и намера е да обезбедиме квалитетна и ефикасна структура, која ќе може да се справи со сите предизвици.
Тој потенцира дека верува во капацитетот на Секретаријатот за европски прашања како надлежен да ги води преговорите, кој во целиот процес ќе координира и ќе им дава поддршка на институциите и убеден сум дека ќе имаме квалитетна подготовка за преговорите.
Ние како Влада сме посветени на европските реформи и што побргу вградување на европските закони и стандарди во нашиот систем. Тоа е основата за ефикасно воден процес на интеграција и преговори за членство со најдобри можни исходи. Тука би сакал да потенцирам дека преведувањето на законодавството на ЕУ, чие прифаќање и усогласување е еден од инструментите за успешна интеграција е во тек, и дека ние вложуваме и ќе продолжиме да вложуваме интензивно во преводите на европското законодавство на македонски јазик, изјави Ковачевски.
Со официјалниот почеток на преговорите во јули оваа година се наметна потребата за итно консолидирање на координативниот механизам за водење на пристапниот процес. Според мене, клучната алка што ќе обезбеди координација и поддршка на сите реформи поврзани со евроинтегративниот процес и имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (која останува во сила сè до потпишувањето на пристапниот договор за членство во Унијата), изјави вицепремиерот Маричиќ.
Тој истакна дека целта што си ја зададовме е завршување на преговорите до крајот на оваа деценија и членство во Унијата до 2030. Нашата иднина е во ЕУ и затоа потребно е преку максимална посветеност и ангажираност да се вклучиме, да ја искористиме шансата што е пред нас и со брзи чекор и самоуверено да одиме напред кон полноправното членство во ЕУ. Следува динамичен период за институциите и администрацијата, каде што имаме за адресирање многубројни аспекти во 6 кластери, 3 области и 33 преговарачки поглавја.
Маричиќ наведе дека пред нас е тешка задача, која е остварлива бидејќи имаме јасна поставена цел и визија за нашата држава.
За таа визија и за оваа стратешка цел мора да се обединат сите вклучувајќи ги и опозициските партии бидејќи ова е процес од интерес на државата. Целосно сме подготвени за почеток на скрининг-процесот и убеден сум дека ќе ја исполниме динамиката на предвидената рамка за завршување на процесот, додаде Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

