Македонија
Сали во посета на Регионалната канцеларија на СЗО, во фокусот забрзување на реформите во здравството
Министерот за здравство Беким Сали ја оствари првата официјална посета на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа во придружба на свои соработници, при што беше потврдена заложбата за заемна соработка со цел подобрување на јавното здравје.
На почетокот од работната посета на 2 септември Сали оствари средба со Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Клуге ги пофалил напорите што Македонија ги прави за унапредување на националната здравствена агенда и додал дека ќе продолжи поддршката од СЗО за државата за натамошна операционализација на реформата на примарната здравствена заштита, проширување на улогата на медицинските сестри во давањето здравствени услуги бидејќи тие во голема мера може да придонесат за подобрување на нашиот здравствен систем, процесот на одговор и закрепнување од Ковид-19, како и за новите иницијативи во областите на контролата на тутунот и безбедноста на пациентите.
„Забрзувањето на реформата на примарната здравствена заштита со цел постигнување состојба, каде што услугите ќе бидат достапни за граѓаните, а во центарот на вниманието ќе бидат луѓето, како и зајакнувањето на контролата на тутунот, се двете клучни области во кои Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Министерството за здравство изразуваат посветеност за уште потесна соработка во иднина. Пресреќен сум што здравјето е толку високо на агендата на Република Северна Македонија, а со денешнава посета дополнително ја зајакнавме одличната меѓусебна соработка“, изјавил Клуге.
„Северна Македонија, заедно со другите 52 земји членки на нашиот регион, работи со нас во рамките на Европска програма за работа за 2020-2025, регионалниот документ за здравје што го води сето она што ние во СЗО/Европа го правиме за да ги поддржиме земјите во постигнувањето здравје за сите“.
По средбата со Клуге, министерот за здравство имал состанок и со директорите на разните оддели во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, при што ја презентирал актуелната состојба во која се наоѓа здравствениот систем на државата и притоа се осврнал и на остварениот напредок и предизвиците.
„Се гордеам на одличната соработка што ја имаме со СЗО и во оваа пригода сакам да изразам огромна благодарност за нивната поддршка“, изјавил Сали.
„Изминатиов период, кој го одбележаа голем број предизвици по здравствениот систем предизвикани од пандемијата на Ковид-19, советите и помошта што ги добивме од СЗО беа од клучно значење нашата држава да успее да ги зајакне капацитетите на сите нивоа“.
„Министерството ќе ги интензивира напорите за спроведување активности во неколку домени: примарна здравствена заштита, безбедност на пациентите, квалитет на негата на болните, контрола на тутунот, ментално здравје, превенција на незаразни болести, превентивни активности во областа на јавното здравје и е-здравје и дигитализација, а ќе продолжиме и со добрите практики во областа на перинаталната нега“, додал Сали.
Како дел од посетата се одржал и билатерален состанок со претставници на Министерството за здравство на Кралството Данска со цел размена на информации и добивање сознанија за здравствениот систем на оваа држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

