Економија
Ковачевски: Владата навремено интервенира за непречено снабдување со електрична енергија
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека Владата подолго време, уште со почнувањето на енергетската криза во последниот квартал минатата година, презеде антикризни мерки во делот на електричната енергија, намалување на ДДВ-то за електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија во државните капацитети.
„За оваа година производството е проектирано да биде 25 % поголемо во однос на минатата година и тоа се капацитети со кои располага Северна Македонија. Тоа се РЕК ‘Битола’, ‘Осломеј’, ТЕЦ ‘Неготино’, централата во рамките на ЕСМ и хидропотенцијалите, хидроелектраните со кои располага државата и обновливите извори на енергија“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека неосновани се обвинувањата оти се задоцнети мерките и тоа, како што рече, токму од политички естаблишмент, кој повеќе од половина време за време на независноста на државата бил на функција и нема ниту една инвестиција во електроенергетскиот сектор.
Премиерот Ковачевски информира дека за 25 проценти е зголемен планот за производство на државните капацитети и државата интервенира со финансиски средства заради набавка на суровини за производство на електрична енергија поради зголемувањето на цената на јагленот, која беше 43 евра за тон, а сега е до 93 евра.
„ЕСМ ги снабдува сите потреби без увоз на домашниот регулиран пазар, тоа значи за сите домаќинства и за сите мали потрошувачи. Седумдесет и две илјади компании во државата, кои се мали потрошувачи, се снабдуваат на регулираниот пазар, каде што електричната енергија е субвенционирана од страна на државата во износ од 80 %“, одговори Ковачевски.
Тој додаде дека по разговорите со стопанските комори, ќе бидат овозможени дополнителни количини електрична енергија, кои ќе бидат под пазарните цени што важат на берзата. На компаниите со прогласувањето на кризната состојбата ќе им биде овозможено електрична енергија од обновливи извори на енергија, како и претходниот пат да биде наменета не за регулираниот пазар туку за компаниите на отворениот пазар, со што ќе добијат електрична енергија, која е под пазарната цена.
„Второто барање беше да се стави во функција гасната централа ТЕ-ТО во Скопје. Таа е во приватна сопственост и Министерството за економија веќе разговара со сопствениците на ТЕ-ТО да биде ставена во функција, при што преговорите се водат да биде ставена во функција и, второ, цената по која ќе биде преземена електричната енергија со цел да може да се добие електрична енергија која е под берзанските цени што во моментот владеат“, објасни Ковачевски, кој додаде дека и денешната претстојна посета на Бугарија е за обезбедување непречено функционирање на меѓународниот проток на електрична енергија преку овој сосед и за обезбедување недостатоци на електрична енергија доколку се појават во текот на зимата.
„Тоа што Владата го прави е сè со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија и да обезбедиме цени што ќе бидат оптимални за македонското стопанство. Јас сум во дневна комуникација и со претседателот на Стопанска комора и со претседателот на Сојузот на стопанските комори и со дел од компаниите сè со цел ова да го надминеме. Ова не е предизвик само за нашата земја, предизвик е за сите земји во регионот, сите се соочуваат со овој проблем. Веќе имаме една земја во соседството што од 5 до 9 часа дневно има рестрикции на електрична енергија. Затоа што во регионот производствените капацитети со кои располагаат државите што произлегоа од поранешна Југославија се од тоа време. Сите капацитети се стари по 40 и повеќе години. Сите инженери во ЕСМ се ангажирани да се обезбеди нивно непречено работење. Веќе се комплетира и пуштањето на третиот блок на РЕК ‘Битола’“, одговори Ковачевски на прашањето поврзано со енергетската криза и обезбедувањето непречено снабдување со електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

