Македонија
(Видео) Одложено судењето за модуларната болница во Тетово: едниот директор не чувствува вина, другиот не дојде
Економскиот директор Артан Етеми немал уредна покана поради што не дојде на првото судење за изгорената модуларна болница во Тетово. Расправата експресно се одложи за средината на октомври по десетина минути од почетокот. Освен него, не беше присутен и дежурниот доктор Бобан Вучевски обвинет во случајот. Тој имал работни обврски.
Судијата Јордан Велковски рече дека до следното рочиште сите обвинети ќе може да си направат и увид во доказите за да нема нови одлагања.
Во судницата дојде само Флорин Бесими, директорот на болницата во Тетово, кој се повлече од функцијата откако болницата изгоре заедно со 14 пациенти.
„Сè што имам да кажам, ќе кажам пред судот. Јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината“, рече Бесими пред судот потенцирајќи дека сака новинарите да го следат случајот до крај.
Прашан дали чувствува вина, тој рече: „Тоа ќе го кажам во судот, не“.
Ексдиректорот на болница, Флорин Бесими, раководно лице во болницата и дежурниот доктор се обвинети за пожарот во тетовската модуларна болница, каде што 14 лица загина.
Тетовското Обвинителството поднесе обвинителен акт, а се гони и правното лице, односно Општата болница – Тетово. Директорот Бесими и раководното лице Етеми, кои се прво- и второобвинети, се гонат дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност. Докторот се гони дека сторил кривично дело непостапување според здравствени прописи во време на епидемија. Според Обвинителството, директорот и раководителите се виновни поради тоа што немало системи за противпожарна заштита, а докторот затоа што дозволил да влегуваат роднини таму каде што се лекувале болни од коронавирус, што беше забрането.
Стравотниот пожар, кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, со себе однесе и 14 животи на пациенти што се лекуваа од коронавирус, но и членови на семејствата што биле внатре во критичниот момент. 14 лица беа спасени пред објектот целосно да изгоре.
Обвинителниот предлог е поднесен десет месеци по поведената истрага. На 5 октомври Обвинителството објави извештај за причините за пожарот и информира дека сè почнало во моментите кога лекарскиот тим ја почнал реанимацијата на пациентка болна од Ковид-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

