Македонија
Кисела Вода го продолжи рокот за пријавување за субвенција за сметките за струја

Општина Кисела Вода го продолжува рокот за поднесување барања за субвенционирање на дел од месечните сметки за потрошена електрична енергија на социјално ранливите категории.
„Со цел да им се излезе во пресрет на што повеќе жители што ги исполнуваат критериумите зададени со јавниот повик, на нивно барање бараната документација може да се достави уште 7 работни дена од првично предвидениот рок, односно до 16.9.2022 година до 19 часот.
Се работи за финасиска помош што Општина Кисела Вода ја обезбеди преку донација од приватна компанија и која има цел социјално загрозените семејства, самохраните родители и децата без родители полесно да ги намират сметките за потрошена струја. Се работи за сума во износ од 1.200.000,00 денари, односно по 100.000,00 денари во текот на дванаесет месеци, кои ќе бидат наменети за оние на кои најмногу им е потребна помош“, велат од Општината.
Јавниот повик со критериумите за учество и потребната документација е достапен на општинската веб-страница.
Дополнителни информации може да се добијат преку лицата за контакт:
Ана Ѓуроска [email protected] 071/391-167
Марјана Блажевска [email protected] 072/248-526
Документите треба да се достават во архивата на Општина Кисела Вода, а изборот ќе го врши повеќечлена комисија. Подносителите ќе бидат известени во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за распределба на средствата.
Продолжен е и проектот „Храна за сите“ преку кој се обезбедуваат хуманитарни пакети за економски немоќните лица, а сите семејства што имаат првоодделенче од Општината на првиот училиштен ден добија бесплатни училишни чанти со тетратки и прибор.
Во периодот што следува Општина Кисела Вода најави нов сет мерки, со цел овој тежок финасиски период полесно да се преброди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.