Македонија
Ослободена актерката Силвија Стојановска за транспорт на дрога
Актерката Силвија Стојановска е ослободена од обвинението за транспорт на дрога. На повторното судење, откако Апелација го врати предметот, судијата Огнен Ставрев посочи дека јавниот обвинител не докажал дека Стојановска го сторила кривичното дело.
Актерката во солзи ја дочека ослободителната пресуда.
„Вие можеби сте биле препродавач, но тоа го нема во обвинението“, кажа Ставрев.
„Скроз сум ослободена?“, праша Стојановска.
„Па трипати Ви кажувам“, одговори судијата Ставрев.
„Па добро судија имам право да прашам“, рече актерката Стојановска.
„Силвија возбудена сте“, ѝ посочи Ставрев.
„ Судот ве ислуша сите вас и ги спроведе сите докази кои се во оваа постапка предложени и изведени и секако ги имаше предвид напатствијата од Апелација, во однос на обвинетата. Тоа го анализираше судот, со сите докази, како што беше наведено. Обвинетата Силвија Стојановска се ослободува од обвинение. Обвинителот не докажа дека сторила кривично дело, надвор од разумно сомневање. Мерките на претпазливост остануваат до правосилност на пресудата“, кажа Огнен Ставрев.
Апелација претходно донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда каде актерката беше осудена на 3,6 години затвор. Според второстепените судии, не се докажала поврзаноста помеѓу првообвинетиот Воислав Будисављевиќ, кој е осуден на седум години затвор, и актерката Силвија Стојановска, а за конкретното кривично дело.
Двајцата во воведните зборови се произнесоа дека не зеле учество во дрога – кокаин, како и нејзино купување и продавање во количина од близу 700 килограми, како што стои во обвинението.
Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба. При првото притворање, на прашање дали тргувала со дрога, актерката рече: „Боже, Боже“.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, информираше Обвинителството.
Обвинителката тврдеше дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.
Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година. Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата, координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост
Во Собранието се одржа настан на тема „Унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, во организација на Интерпартиската парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост, во соработка со Зета – организација за попреченост и правда, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, Порака – Неготино и Еко – Живот – Кавадарци.
Настанот имаше за цел отворање институционален дијалог за унапредување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на системските решенија и зајакнување на соработката помеѓу законодавната и извршната власт и граѓанскиот сектор, при што беа презентирани и наодите од анализата за предизвиците со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост, како и можните решенија поврзани со нивниот медицински третман, со цел обезбедување еднаков и достоинствен пристап до здравствена заштита.
Претседателот на ИППГ за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски, истакна дека правото на здравје е фундаментално човеково право, нераскинливо поврзано со правото на живот и заштитата на човековото достоинство. Уставот гарантира здравствена заштита за секој граѓанин, што претставува обврска институциите континуирано да го унапредуваат системот и да обезбедат еднаков, квалитетен и навремен пристап до здравствени услуги за лицата со попреченост. Собранието останува отворено за предлозите и искуствата на граѓаните со цел носење одржливи и инклузивни решенија.
Во активна дискусија присутните имаа можност да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат при остварувањето на правото на здравје, како и предизвиците со кои се соочуваат институциите и другите чинители во оваа област. Беше нагласена потребата од континуирани реформи во здравствениот систем, унапредување на законската рамка, обезбедување финансиска одржливост на услугите и воведување механизми за следење на спроведувањето на политиките.
Како предложени мерки за унапредување на правото на здравје на лицата со попреченост се:
· Ортопедските помагала кои се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување, да бидат целосно усогласени со индивидуалните потреби на лицата со попреченост, да овозможуваат избор и да бидат со подобар и проверен квалитет, во согласност со современите медицински и технолошки стандарди;
· Адаптација на здравствените установи на сите нивоа на здравствена заштита со цел обезбедување целосна физичка, сензорна и комуникациска пристапност за лицата со попреченост, во согласност со принципите на универзален дизајн;
· Воведување задолжителна, континуирана обука за здравствените работници за работа со лица со различни видови на попреченост, со фокус на пристап базиран на човекови права, достоинство, недискриминација и информирана согласност.
· Унапредување на системот „Мој термин“, со воведување механизми за приоритетно закажување за лицата со попреченост, особено за лица со попреченост кои имаат потреба од поголема поддршка, хронични состојби.
„Настанот се одржа во клучен момент – кога се подготвуваат измените на Законот за здравствена заштита и претставува значаен чекор кон градење поинклузивен здравствен систем, заснован на еднаквост, пристапност и почитување на човековите права. На истиот беа донесени заклучоци во насока на унапредување на правото на здравје за лицата со попреченост“, се наведува во соопштението од Собранието.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Одбивање на жалбата на ИРЛ од Апелациониот суд дополнително нè мотивира да стоиме зад истражувачкото новинарство
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост за, како што велат, судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство, по денешната одлука на Апелациониот суд Скопје со која е одбиена жалбата на ИРЛ.
Во овој момент, велат од таму, според јавно достапните информации, одлуката на жалбата на ИРЛ е објавена, но образложението сè уште не е јавно соопштено и се очекува да следува во писмената пресуда.
„Потсетуваме дека станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година. Првостепената пресуда во овој случај беше донесена во 2023 година и тогаш исто така јавно реагиравме бидејќи пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда првостепената одлука“, велат од ЗНМ и ССНМ.
Тие додаваат дека во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност.
„ССНМ и ЗНМ сметаат дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство. ЗНМ и ССНМ остануваат на ставот дека ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и да ја следат натамошната постапка по приемот на писмената одлука, вклучително и користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци“, пишува во заедничкото соопштение.
Укажуват дека ЗНМ во период подолг од пет години обезбедувал бесплатна правна поддршка, а двете организации јавно го следеле овој предмет и посочувале на неговото значење за слободата на изразување, јавниот интерес и заштитата на истражувачкото новинарство, вклучително и во контекст на ризиците од стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП).
Дополнително, велат од ЗНМ и ССНМ, овој случај е регистриран и квалификуван како СЛАПП случај на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom / MMF), а реакции и осуда на ваквата пракса опасна за слободата на медиумите во Македонија имаа и Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари чии членки се ЗНМ и ССНМ.

