Култура
Фестивалот на џез, ворлд и современа музика во Велес со настани за празничниот викенд
По отворањето на Спомен Костурницата, Фестивалот на џез, ворлд и современа музика продолжува со неколку концерти во претстојните 3 дена. Вечерва, четврток 8 септември, ќе го проследиме настапот на „Такси Конзилиум” во Градската пивница „Паб” во Велес.
“Нашата мала меѓуградска такси-превозничка дружина ќе ги прошета исклучените таксиметри до Велес, каде пред публиката на преубавиот нов фестивал ќе ги елаборираме стандардните мудрости на после-полноќната „вожња” и ќе ги презентираме древните тајни на мрачниот и љубов-водачки џез”, изјавуваат од „Такси Конзилиум”. Концертот е со почеток во 20:00 часот, влезот е бесплатен.
Фестивалската програма продолжува на висока нота следниот ден, петок 9 септември, во Театар Ј.Х.К Џинот Велес. Најпрво на големата сцена ќе настапи едно од најнадежните млади музички имиња, Дина Јашари со нејзините другари. Веднаш по неа, следи Сашко Костов со својот бенд. Сашко Костов е мултиеклектичен музичар кој негува интригантен звук, а покрај творењето во театар, на филм и создавањето сопствена авторска музика, соработува и со Горан Трајкоски, „Мугер Фугер”, „Ласт Експедишн” како и неколку странски бендови.
Вечерта, ем музички, ем визуелно, ќе ја круниса настапот на „Едит Поинтс” на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, со DJ сет и визуелни проекции во реализација на Филип Коруновски и Борче Конзулов, визуелни уметници од Велес, вели организаторот.
Годинешното прво издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе заврши во сабота, 10 септември. Вечерта започнува со концертот на оригиналниот џез квинтет „Бопхедс”, кој обединува македонски џез музичари од помладата генерација. Следни се „Летечки Пекинезери” кои шаренолико творат повеќе од 10 години, претежно инспирирани од свинг звуците од 30-те и 40-те години, а неретко во нивните композиции ќе откриете и сегменти од македонската народна музика. За крај на фестивалската програма на паркингот на Театар Ј.Х.К Џинот, DJ сетот на Шамба и ликвид перформансот со сенки, во изведба на Театар „Сенки и облаци“ од Скопје, ќе ѝ понудат на публиката едно поинакво уметничко уживање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
концерти
„Медитеранска магија“: Концерт за две пијана и четирирачно пијано на дуото Аврамовска–Мариновски
Во Салон 19 19, на 26 ноември 2025 година со почеток во 19:19 часот, ќе се одржи концертот „Медитеранска магија“ — музичка вечер посветена на јужниот медитерански дух, во изведба на дуото Аврамовска–Мариновски. Наратор на концертот ќе биде Мимоза Рајл.
Публиката ќе има можност да доживее ретко музичко патување исполнето со сончеви ритми, страст и виртуозност. На програмата се дела од италијански, француски и шпански автори, како и премиерни изведби и специјално подготвени аранжмани.
Програма:
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 2
Жорж Бизе – Свита „Арлезијанка“ бр. 1
Ернесто де Куртис – Non ti scordar di me (солист: Илија Белистојановски)
Rodolfo Falvo – Dicitebcelli (солист: Илија Белистојановски)
Г. Росини – Увертира „Крадливата страчка“
Исаак Албениз – Rapsodia Española
Дуото, активно веќе девет години, има бројни настапи во Македонија и во странство — меѓу кои Турција, Бугарија и САД. Нивната работа е посветена на спојот меѓу македонската традиција и современиот музички израз, со концертни програми што ја освојуваат публиката со емоција и уметничка длабочина.
„Медитеранска магија“ ветува вечер исполнета со топлина, енергија и дух на јужниот Медитеран — музика која ги надминува границите и допира директно до публиката.
Култура
„Лет над кукавичкото гнездо“ не може да се замисли без Николсон, но улогата не била наменета за него
Иако од денешна перспектива изгледа речиси невозможно некој да одбил улога во славниот филм „Лет над кукавичкото гнездо“, тоа сепак се случило.
Адаптацијата на Милош Форман денес со право се смета за еден од најдобрите филмови некогаш снимен, а тој филм едноставно е незамислив без Џек Николсон во улогата на Рендал Мекмерфи.
„Лет над кукавичкото гнездо“ стана дури вториот филм во историјата на Оскарот што ја освои „големата петорка“ — наградите за најдобар филм, најдобар режисер, најдобар актер, најдобра актерка и најдобро адаптирано сценарио.
Џек Николсон и неговата незаменлива улога
Џек Николсон беше во извонредна форма како Рендл Мекмерфи, во улога која без проблем се вбројува меѓу најдобрите во американската кинематографија. Рамо до рамо со него беше и Луиз Флечер како сестра Рaчед. Нивната динамика била оформена со таен пристап кон ликовите, за кој знаеле само нив двајцата за време на снимањето.
Кирк Даглас копнеел по улогата
Мнозинството што го гледале филмот знаат дека Кирк Даглас копнеел по главната улога, затоа што претходно ја играл на Бродвеј, но во семејството настанал раздор кога неговиот син Мајкл Даглас го исклучил од конкуренција, бидејќи веќе бил престар за таа улога. Мајкл Даглас освои Оскар како продуцент на филмот, но требало време нивниот однос да се опорави, пишува „Фар аут магазин“.
Ѕвездата на „Спартак“ сакал да ја предводи актерската екипа, но улогата не му била понудена, а неколку други актери биле повикани да ги толкуваат Мекмерфи и сестра Рачед. Тие ја одбиле можноста — веројатно подоцна горко жалејќи, бидејќи Николсон и Флечер ги освоија своите награди.
Актерите кои ги одбиле улогите на Мекмерфи и сестра Рачед
„Знаете, Џин Хекман ја одби улогата“, изјавил помладиот Даглас за „Ентертејмент викли“.
„Мерлон Брандо ја одби. Милош некое време имаше луда идеја за Берт Рејнолдс.
Џејмс Кан исто така бил меѓу актерите кои ја одбиле улогата на Мекмерфи, отворајќи му го патот на Николсон да ја испорача улогата која му го донесе првиот од неговите три Оскари.
Тешката потрага по совршена сестра Рачед
Пронаоѓањето на совршената актерка за улогата на сестра Рачед исто така не било лесна задача, особено поради околностите кои ја следеле конечната одлука за Луиз Флечер.
„Секоја глумица, секоја позната глумица ја одби таа улога, затоа што во 1973/74, во време на Движењето за ослободување на жените, не беше ‘кул’ да се игра негативец. Не беше ‘кул’ да се игра кучка“, објаснил Даглас.
„Така и Џералдин Пејџ и Ен Бенкрофт, вкупно пет глумици, ја одбија улогата. Луиз Флечер имаше мала улога во Алтмановиот ‘Thieves Like Us’ и сними пробна сцена за нас. Беше совршена, но имаше тивок глас. Знаете, тивок глас, но оние челични сини очи за кои пишува Кен Кизи во книгата. Беше прекрасна жена и се појави од никаде.“
Лили Томлин првично била избрана за сестра Рачед, додека Флечер се подготвувала повторно да работи со Алтман на филмот „Nashville“. На крајот тие две ги замениле местата.
Може да се каже дека сè испаднало токму како што требало.
Култура
Викенд-репертоарот на 50. МОТ: „Коштана“, „Кученцето се засмеа“, „Врба“ и „Граница“
Викенд репертоар на 50 МОТ
22.11.2025
20.00 часот, МКЦ – сала Фросина
Коштана
Народен театар Ниш
Режија: Јана Маричиќ, автор Борислав Станковиќ
Јана Маричиќ на почетокот на втората деценија од 21 век, почувствувала потреба да укаже на фактот дека на сите нивоа од општествениот поредок луѓето живеат слично. Уште повеќе, трагедијата на Коштана од Нишкиот народен театар станува трагедија на општеството.
Коштана изобилува со истовремени настани. Речиси во текот на целото времетраење на сценското дејство, музиката, песната и звуците од улицата доаѓаат од вонсценскиот простор. Сепак, поради нивната истовременост со настаните од сценското претставување, тие не влијаат одлучувачки врз развојот на заплетот. Како по правило, тие се дел од звучната завеса, амбиенталната позадина, уметничката орнаментација и реалистичната потврда на она што ликовите го кажуваат пред публиката.
Играат: Уна Костиќ, Маја Вукојевиќ Цветковиќ, Александар Маринковиќ, Данило Миленковиќ, Евгенија Станковиќ, Ивана Недовиќ, Милош Цветковиќ, Дејан Лилиќ, Наталија Јовиќ, Наѓа Недовиќ Текиндер, Николија Мичиќ, Петар Миљуш
Музичари: Александар Стевановиќ, Ненад Танчиќ, Војкан Добросављевиќ, Горан Савиќ, Предраг Бранковиќ
Сценографија: Миодраг Табачки Костимографија: Борис Чакширан Композитор: Божидар Обрадиновиќ Сценски движења: Миодраг Крчмарик
22.00 часот, МКЦ, клуб ресторан
Кученцето се засмеа
Спам студиос, Бугарија
Режија: Ана Батева, автор: Џон Фанте
Артуро Бандини е живописен пример за деградирачката моќ на Егото и неговата деструктивна моќ, која може да го оддалечи човекот од реалноста. Реалност што е поместена од соништата, каде што самовосхитот и нарцизмот ги достигнуваат своите граници. Бидејќи во својата желба да им се допадне на сите, Бандини изгледа дека
останува сам во сопствената борба за признавание. И додека ликот се врти во маѓепсан круг, Фанте нè потсетува дека „светот е мит, транспарентна рамнина во која сè е само за кратко време… Всушност, ние воопшто не сме живи. Едноставно се приближуваме до животот, но никогаш навистина не го постигнуваме…“
Играат: Севар Иванов
Превод: Богдан Русев Сценска верзија и режија: Ана Батева Музика: Стефан Здравески Дизајн: Христо Христов Фотографија: Стефан Здравески
23.11.2025
18.00 часот
Врба
Естер Бејкер и Искра Шукарова
Македонија / САД
КСП Јадро
Естер Бејкер (САД) и Искра Шукарова (Северна Македонија) ќе понудат еден колаборативен процес, приспособлив на просторот, кој се базира на врбата, како и на ритуалот како перформанс. Во своето истражување, тие го употребуваат перформансот за да патуваат низ времето и ритуалот за да се поврзат со предците и земјата. Во основата на својот процес, Естер и Искра целат да се придвижат кон отпорноста, но и кон радикалната нежност и вкоренетата поврзаност и процесот на учење едни од други. Ќе ја истражуваме врбата заедно. По перформансот, ќе има отворен разговор со публиката и артистите.
20.00 часот, МКЦ – сала Фросина
Граница
Ода театар, Косово
Автор: Ана Ристоска – Трпеноска, режија: Совран Нрецај
„Границата“ е театарско истражување за миграцијата, раселувањето и политиката на припадност. Четири актери беспрекорно се менуваат низ улогите, уривајќи ги границите меѓу театарот и животот, фактот и илузијата.
Претставата ја раскажува приказната за семејство кое ризикува сè за неизвесна иднина, испреплетена со други наративи инспирирани од вистински искуства на мигрантите. Од гранична полиција до шверцери, од медиумите до самите емигранти, претставата ги разоткрива сложените реалности на миграциските патувања. „Границата“ се соочува со една од најитните кризи денес: масовната емиграција од Балканот, особено од Косово.
Ја испитува миграцијата поттикната од рестриктивните политики на Европа и глобалните нееднаквости, прашувајќи: кој може да ја премине, кој е оставен зад себе и по која цена?
Играат: Шпетим Селмани, Верона Коџа, Бленд Садику, Косоваре Красниќи, Леарт Нрецај

