Македонија
Рекламирање со јавни пари е забрането, реагира Здружението на новинарите на постапката на Град Скопје
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) алармира за постапката на Град Скопје, кој преку јавна набавка планира да инвестира средства на граѓаните за кампањи во приватни телевизии и онлајн медиуми за промоција на активности на градот.
Според огласот за јавна набавка, достапна на Електронскиот систем за јавни набавки, градот Скопје предвидува да инвестира речиси 5 милиони денари за ,,Подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на градот Скопје” преку маркетинг агенција.
„Укажуваме дека со ваквиот начин на финансирање на медиуми Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година. Праксата за плаќање јавни кампањи со пари на граѓаните, освен што е незаконска, може да поттикне и други единици на локалната самоуправа да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар, и би се загрозила независноста на медиумите преку поддржување на „пријателски медиуми“ и игнорирање на оние кои се критични“, велат од Здружението на новинарите.
Потсетуваат дека скапо платените јавни кампањи преку кои би се откупувал простор на селективен начин од страна на Владата и локалната власт не е начин за поддршка на медиумите, туку може да се претвори во обид за нивно корумпирање и истовремено промоција на политичко-партиски агенди кои не се од јавен интерес.
„Затоа ЗНМ повеќе од две години инсистира на создавање на Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес. Само на овој начин може да се даде шанса за објективна поддршка на квалитетни новинарски продукти преку кои ќе се овозможи финансирање на проекти за истражувачко и аналитичко новинарство, но и за продукција на документарна, образовна, забавна и едукативна содржина. Ова е единствениот начин доколку Владата и локалните власти искрено сакаат да го помогнат професионалното новинарството, истовремено да придонесат за подобрување на примањата на новинарите и медиумските работници а со тоа и на кревање на социјалниот стандард во медиумскиот сектор“, наведува Здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

