Македонија
(Видео) Георгиевски: СДСМ се грижи за земјоделците, две нови мерки за помош на лозарите
Гоце Георгиевски, претседател на комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ изјави дека и во време на светска економска криза, Владата предводена од СДСМ и надлежното министерство продолжуваат со вистинска поддршка за сите земјоделци.
Донесени се две дополнителни мерки за помош на лозарите и винариите.
„Воведуваме нова мерка за предадено грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија, со висина од 2 денари по килограм. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и остварено производство на винско грозје од реколта 2022 година, кое е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино или пак е преработено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет.
Преку отворен, инклузивен пристап и дијалог со лозарите и винариите успеавме оваа година да постигнеме историски најголемо зголемување на откупната цена за грозјето од 30 отсто. Оваа година грозјето од сортата Смедеревката ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, додека вранецот по 15 денари за килограм. Тоа е за 3 денари повеќе споредено со ланските откупни цени“, рече Георгиевски.
Со дополнителните мерки на веќе договорените 13 и 15 денари за килограм ќе се додадат уште плус два денари, со што откупната цена на грозјето ќе достигне 15 односно 17 денари.
Финансиска поддршка е обезбедена и за винариите преку новата мерка за поддршка на произведено и извезено вино за период од 01.09.2021 до 01.09.2022 година.
Корисници на оваа нова мерка се регистрираните производители на вино кои во 2021-2022 година имаат произведено и извезено вино. Финансиската поддршка со оваа дополнителна мерка изнесува од два до четири денари по литар во зависност од видот и големината на амбалажата.
„Овие мерки се уште еден показател за грижата на СДСМ за земјоделците. Продолжуваме да реализираме мерки и политики кои овозможуваат зголемено домашно земјоделско производство“, рече Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

