Македонија
Град Скопје: Разрешен директорот на Водовод Златко Перински
Град Скопје го разреши Златко Перински, директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер.
Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот, на 9.9.2022 година, се вели во соопштението од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром собра околу 70 тони кабаст отпад во бесплатната акција
Општина Аеродром и Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром успешно ја спроведоа акцијата за бесплатно собирање кабаст отпад, при што од точно 41 локација, собрани се околу 70 тони отпад.
Акцијата почна кон крајот на јули и наиде на голем интерес кај аеродромци. Големи контејнери во текот на август и септември беа поставувани на различни локации низ целата општина според точно одреден распоред. Жителите навремено беа информирани кога и каде да го остават својот стар мебел и друга дотраена покуќнина, кои потоа беа собирани со механизација на Општина Аеродром.
Оваа акција беше спроведена со цел да им се излезе во пресрет на жителите бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Со тоа придонесовме да се заштити животната средина од несовесно фрлање отпад, како и од создавањето лоша слика за Аеродром.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да внимаваат како се однесуваат кон околината, затоа што инспекциските служби се постојано на терен, а секое несовесно фрлање отпад е казниво со закон.
Македонија
Вреди: Со интервенцијата на ДУИ за измените во Кривичниот законик му застаре уште една казна на Груевски
Со директна интервенција на ДУИ во измените на Кривичниот законик, на Никола Груевски, поранешниот премиер и омилен политичар на Али Ахмети, му застаре уште една затворска казна, велат од коалицијата ВРЕДИ (Влен).
Според нив, ова е уште една шајка на Ахмети во ковчегот на неправдата која ја инсталираше неговиот режим 22 години.
„После срамната спогодба на „Абазиското“ Обвинителство со Иџет Мемети, ова криминализирано раководство издејствува уште една амнестија. Ова фијаско на фаулираниот правен систем е уште една потврда за вирусот на Ахмети инсталиран во правосудството со години, каде што нивните моќници изградија заштитен ѕид околу себе, спасувајќи се меѓусебно од правосудна одговорност. Ова не е прв пат кога ДУИ, предводена од Али Ахмети, интервенира за да ги спаси своите пријатели од затвор. Претходно, истата игра ја одиграа и за архитектот на маките на Албанците, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков“, велат од Вреди,
Коалицијата додава дека ДУИ е партија која две децении го манипулира народот со ветувања за реформи и европски интеграции, и е убиецот на секоја надеж за правда и подобра иднина.
„Сите знаат за притисокот на Артан Груби врз претседателката на Врховниот суд за оживување на аболициите на Ѓорге Иванов, наводно за да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени. Време е граѓаните на оваа земја еднаш засекогаш да разберат: ДУИ никогаш не била за големиот европски сон, туку нејзин саботер. Тие се главните виновници за недостатокот на напредок и за оддалечувањето на Северна Македонија од европскиот пат. Наместо да се борат за правда и просперитет, тие се бореа само за да ги заштитат своите криминални кланови, без разлика на етничката припадност. Коалицијата ВЛЕН им упатува повик на сите совесни граѓани да се обединат во нашата борба за почесна и потранспарентна иднина“, велат од Вреди.
Додаваат дека соочени со ова предавство на европските вредности, посветени се на демонтирање на секој елемент од оваа распадната структура и изградба на држава заснована на закон, еднаквост и правда за сите.
Македонија
Меџити: Ги зајакнуваме процедурите за доделување на А и Б Интегрираните дозволи
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, со поздравно обраќање ја отвори денешната работилница за „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis-от во областа на индустриското загадување“.
„Индустријата е важен столб за економски развој, но за жал, остава сериозни последици во животната средина. Загадувањето од големи индустриски инсталации го допира воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и земјата што не храни. Затоа, наша должност е да ги контролираме овие влијанија и да промовираме почисти и поодржливи практики“ – истакна Меџити, додавајќи дека Интегрираните еколошки дозволи се клучни за да се осигура дека секоја индустрија ќе ги почитува стандардите и ќе го намалува загадувањето. Од таа причина, според Меџити мораме да ги зајакнеме процедурите за доделување на овие дозволи, за да обезбедиме подобра заштита на животната средина.
Проектот го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија (како земја корисник) и Центарот за меѓународно и европско економско право (CIEEL), Република Грција (како земја-членка партнер).
Во рамки на проектот се работи на зајакнување на националните и локалните административни капацитети во областа на индустриското загадување и тоа преку подобрување на интегрираните еколошки дозволи, кои треба да содржат услови поставени во согласност со начелата и одредбите на Директивата за индустриски емисии и Заклучоците за најдобрите достапни техники.
Се додава дека во реализација на проектот земени се предвид неодамнешните предлози на Европската комисија за справување со загадувањето од големите индустриски инсталации. Овие предлози опфаќаат ревизија на Директивата за индустриски емисии и ревизија на Регулативата за Регистарот на испуштање и пренесување на загадувачки материи.
Во рамки на трите компоненти од проектот треба да се постигне усогласена правна рамка, подобрена процедура за Оцена на влијание врз животната средина за активностите на Директивата за индустриски емисии и подобрен процес на издавање дозволите за Интегрираното спречување и контрола на загадувањето.
Проектот го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија (како земја корисник) и Центарот за меѓународно и европско економско право (CIEEL), Република Грција (како земја-членка партнер). Започнат е на 1 март 2023 година и ќе трае 24 месеци.