Спорт
Адис Јаховиќ се повлекува од репрезентацијата на Македонија

Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа. Репрезентативниот напаѓач, Адис Јаховиќ се повлекува од македонската А репрезентација, објави ФФМ на официјалниот сајт.
Селекторот на македонската А селекција, Благоја Милевски повеќе нема да може да смета на напаѓачот кој има 19 настапи и три голови во дресот на Македонија.
Адис Јаховиќ долги години со успех настапува во турското првенство и едноставно вели дека сега е време за збогум од репрезентативниот дрес, бидејќи повредите и возраста во голема мера бараат повеќе време за одмор и закрепнување.
По тој повод, го пренесуваме неговиот допис до Фудбалската федерација на Македонија и А македонската репрезентација.
„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.
Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.
Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.
Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат.
Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација.
Напред Македонија“.
Адис Јаховиќ дебитираше за Македонија на 14. ноември 2012 година на пријателскиот натпревар против Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Детали го делат Елмас од Наполи

Денес е „денот Д“ за трансферот на Елиф Елмас во Наполи, пишуваат италијанските медиуми.
Договорена е позајмица од 2.000.000 евра, потенцијален откуп на договорот на крајот од сезоната од 16.000.000 евра, додека клубовите се уште преговараат за бонусот поврзан со настапите Лигата на шампионите.
Лајпциг се обидува да врати голем дел од инвестицијата (24.000.000) кога го доведоа од Неапол.
Елмас пред 18 месеци се пресели од Наполи во Лајпциг. Првиот дел од минатата сезона одигра само 44 минути за Лајпциг, по што се пресели на позајмица во Торино, каде што играше добри и постигна четири гола.
Македонскиот репрезентативец, во сезоната 2022/2023 беше дел од генерацијата која по 30 години ја врати титулата во Неапол.
Foto/ EPA
Спорт
Милевски го објави списокот за натпреварите со Саудиска Арабија и Лихтенштајн

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски го соопшти списокот со повикани фудбалери за контролниот натпревар против Саудиска Арабија (4. септември, стадион „Викторија Жишков“, Прага) и Лихтенштајн (7. септември, Национална арена „Тодор Проески“) од квалификациите за Светско првенство 2026.
Двајца дебитанти се наоѓаат меѓу 26-те повикани фудбалери на кои ќе смета нашиот предводник. Играчот од средниот ред на Шкендија, Решат Рамадани и напаѓачот Елмин Растодер од швајцарски Тун, прв пат добиваат повик во најдобриот национален тим.
Голмани:
Столе Димитриевски – Валенсија (Шпанија)
Дејан Илиев – УТА Арад (Романија)
Дамјан Шишковски – Борац Бања Лука (БиХ)
Игор Алексовски – Фљамуртари (Албанија)
Одбрана:
Висар Муслиу – Падерборн (Германија)
Никола Серафимов – Левски Софија (Бугарија)
Езѓан Алиоски – Лугано (Швајцарија)
Ѓоко Зајков – Ајман (ОАЕ)
Андреј Стојчевски – Словачко (Чешка)
Дарко Велковски – Зрињски (БиХ)
Стефан Деспотовски – ОФК Београд (Србија)
Бојан Илиевски – Струга Трим Лум
Среден ред:
Енис Барди – Коњаспор (Турција)
Јани Атанасов – Лариса (Грција)
Елиф Елмас – Лајпциг (Германија)
Исник Алими- Далиан Јингбо (Кина)
Лука Станковски – Раднички Крагујевац (Србија)
Тихомир Костадинов – Сигма Оломуц (Чешка)
Решат Рамадани – Шкендија
Напад:
Бојан Миовски – Џирона (Шпанија)
Милан Ристовски – Бохемианс 1905 (Чешка)
Дарко Чурлиноив – Барнли (Англија)
Александар Трајковски
Лирим Ќамили – Сондерјиске (Данска)
Димитар Митровски – Олимпија Љубљана (Словенија)
Елмин Растодер – Тун (Швајцарија)
Собирот на националниот тим за септемвриските натпревари е закажан за 1. септември во 12:30 часот.
Извор/ ФФМ
Спорт
Јунајтед доби нова понуда за Фернандеш, капитенот треба да реши дали ќе ја прифати

Манчестер јунајтед неодамна доби голема понуда од Ал Итихад за Бруно Фернандеш (30) во износ од приближно 116 милиони евра, објавуваат голем број англиски медиуми. Ова не е прв пат ова лето да пристигне ваква понуда за капитенот на Јунајтед од Саудиска Арабија.
Претходно, Ал Хилал се обиде да го доведе Португалецот со огромен договор од околу 50 милиони евра годишна плата, но Бруно одлучи да остане во клубот.
Почетокот на новата сезона не ветува, Јунајтед освои само еден бод од првите две кола од Премиер лигата, а дополнителна бура предизвика промашениот пенал на Фернандеш против Фулам токму во моментот кога се појавија нови написи за можен трансфер.
Според извештаите, Ал Итихад испратиле нова понуда. Од „Олд Трафорд“ засега не одговориле, решиле одлуката да ја донесе фудбалерот.
Доколку Фернандеш сака да си замине, клубот нема да му застане на патот. Следните неколку дена ќе бидат клучни бидејќи играчот од средниот ред треба да донесе конечна одлука.
Ова би можел да биде најголемиот трансфер во историјата на Јунајтед.
Рекордот моментално го држи продажбата на Кристијано Роналдо во Реал Мадрид за 94 милиони евра.
Фернандеш му се придружи на Јунајтед пред повеќе од пет години од Спортинг за 65 милиони евра. Тој ги оправда вложените пари и оттогаш постигна 98 гола и имаше 86 асистенции, но нивото на целиот тим не ги следеше неговите индивидуални перформанси. Во Јунајтед, тој го освои Лига Купот и ФА Купот.