Македонија
(Видео) Спасовски: Уништени 10 тони дрога во вредност од 26 милиони евра
„Денеска, во електропечката на ‘Макстил’ – Скопје, со палење беа уништени приближно 10 тони разни наркотични дроги, одземени до август 2022 година, по основ на правосилни судски одлуки донесени по завршени кривични постапки, како и врз основа на судски решениjа за нивно ништење. Станува збор за уништени повеќе од 8,2 тони марихуана, потоа околу 100 кг хероин, хашиш, кокаин, над 1.000 растенија, семки од канабис, како и 1,2 милион психотропни супстанции, што претставува најголемо уништено количество запленета дрога досега, која на црниот пазар би достигнала вкупна вредност од 26 милиони евра“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на настанот во челичарницата на ‘Макстил’, реализиран со соработка на МВР, Државната комисија за уништување наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и Агенцијата за управување со недвижен имот, на кој, покрај раководството на МВР, присуствуваа и министерот за правда, Тупанчевски, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Асани, директорката на Царинската управа, Кутирова, претседателот на Кривичниот суд, Џолев, републичкиот јавен обвинител Јовески, шефот на скопското Јавно обвинителство, Бубевски, претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Талевски, пратеници и полициски аташеи и гости од соседството.
Како што нагласи Спасовски, оваа досега најголема количина уништена дрога е резултат на многуте оперативни акции и континуираните активности што МВР ги спроведува во изминатите неколку години со цел спречување на нелегалната трговија со дрога и прекурсори, при што само во периодот јануари-јули 2022 како резултат на овие активности беше запленета дрога во вредност од 205,5 милиони евра, која ќе биде уништена по завршување на законски предвидените процедури, сузбиени 9 организирани криминални групи и спречени 7 меѓународни транспорти.
Претседателката на Комисијата за уништување наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори, судијката Даниела Димовска, заедно со другите членови на Комисијата, постапи по 449 правосилни пресуди, од кои е попишана одземената наркотична дрога, која е предмет на ништење.
Притоа целата акција на транспорт и ништење на дрогата беше спроведена со максимална безбедност и во строго контролирана средина, а „Макстил“, со отстапување на своите капацитети, уште еднаш се потврди како компанија што активно соработува со надлежните институции и органите на власта демонстрирајќи ја својата општествена одговорност за прашања од јавен интерес, информираа од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

