Свет
Падна од брод и загина руски бизнисмен и близок соработник на Путин
Смртта на рускиот директор на енергетска компанија е уште една во листата на мистериозни смртни случаи на моќни бизнисмени, кои се чести од почетокот на војната во Украина.
Иван Печорин (39), генерален директор на корпорацијата за развој на Далечниот Исток и Арктикот, наводно паднал од брод со полна брзина и починал во саботата во близина на руски остров во Јапонското Море, во близина на Владивосток на далечниот исток на Русија.
Според информациите на „Комсомолскаја правда“, Печорин, како еден од луѓето на Путин, работел на модернизација на авијацијата во источна Русија и на истражување на ресурси на Арктикот во време кога земјата се соочува со строги санкции.
Ivan #Pechorin – Russian entrepreneur dies again under mysterious circumstanceshttps://t.co/n4dRKz39KO
— Stefan K. (@Nighttiger1) September 13, 2022
Последниот јавен настап на Печорин беше на Источниот економски форум, кој се одржа од 5 до 8 септември во Владивосток. „Дејли мејл“ објави дека Печорин одржал презентација со наслов „Секој има свој начин: логистика на променет свет“.
Неговата смрт следува по смртта на поранешниот извршен директор на истата корпорација, Игор Носов (43), кој почина во февруари од мозочен удар. На 1 септември почина и Равил Маганов (67), нафтен тајкун и поранешен шеф на втората по големина руска нафтена компанија „Лукоил“, кога падна од прозорецот на шестиот кат на московската болница.
Маганов претходно се спротивстави на војната во Украина, а „Лукоил“ објави дека неговата смрт настапила „по тешка болест“.
Во декември 2021 година Јегор Просвирнин – основачот на веб-страниците „Спутник“ и „Погром“ – падна од станбена зграда во Москва. Сличен инцидент се случи и во октомври истата година кога руски дипломат беше пронајден мртов кога падна од прозорецот на руската амбасада во Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

