Македонија
Петровска-Брнз: Соработката помеѓу САД и Северна Македонија на највисоко ниво, заеднички го менуваме ликот на Армијата
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Брнз, денеска на армискиот полигон „Криволак“ присуствуваа на вежба на припадниците на Армијата, која ги вклучуваше новите оклопни возила JLTV Oshkosh и армиските хеликоптери.
„’Криволак’ е најдобриот пример за ефикасноста на нашата заедничка соработка. Кога имаме јасни цели и кога сме посветени на развојот, и нашите пријатели и стратешки партнери се секогаш тука да ни помогнат“, рече министерката по показната вежба. Додаде дека токму на ‘Криволак’, припадници на македонската Армија и вооружените сили на САД тренираат не едни покрај други, туку едни со други, учејќи нови вештини и нови способности и заеднички развивајќи ја интероперабилноста која е круцијална за безбедноста и стабилноста на двете земји и на евро-атлантската област.
Во однос на одбранбената соработка на двете земји, Петровска го истакна развојот на полигонот каде што заеднички беше подобрена инфраструктурата, а беа изградени и нови вежбовни содржини, додека истовремено над 1.000 армиски припадници завршија голем број на обуки и високи школи во САД. Заедно, рече министерката, го реализираме и процесот на модернизација, најголем во овој обем досега.
„Со набавката на новите оклопни возила, JLTV Oshkosh и Stryker, заеднички го менуваме ликот на Армијата и заеднички креираме Армија која е и ќе продолжи да биде вистинска вредност за колективната одбрана, нешто што во овие несигурни времиња е столб за нашата безбедност и сигурност“, подвлече министерката.
По повод завршувањето на мандатот на амбасадорката Брнз, министерката изрази благодарност за нејзината визија, посветеност и отвореност секогаш да одиме чекор понапред во развојот на соработката која се основа на нашите споделени вредности и принципи и на меѓусебната почит и доверба.
По показната вежба, Петровска на Брнз и врачи македонско знаме и плакета, во името на одличната соработка помеѓу Северна Македонија и САД која е особено интензивна во периодот кога Брнз е амбасадорка на САД во нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

