Македонија
Грковска: Меѓусебната соработка и комуникација е клучна за градење одговорни институции
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска беше во посета на Државната комисија за спречување на корупцијата, каде што имаше работен состанок со членовите на Комисијата.
На состанокот, на кој присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини стана збор за тековните активности на Комисијата, како и споделување мислења во делот на меѓусебната соработката, подобрување на перформансите и обврските на двете институции.
Грковска ги информираше членовите на ДКСК за активностите поврзани со моделот на исплата на ваучери во спортот и слабостите коишто се детектирани и најави дека во периодот што следува ќе се посвети на реализација на заклучоците од двете конференции што ги организираше Кабинетот, особено во делот на измена на Законот за спорт, заедно со Министерството за правда, Агенцијата за млади и сите останати чинители. Со свои анализи и предлози ќе се вклучи и ДКСК.
Членовите на Државната комисија за антикорупција се интересираат и за подготовката на законот за потекло на имот, при што вицепремиерката нагласи дека сè уште се работи на предлог решенијата и текстот ќе биде споделен со јавноста кога ќе се изготви драфт верзијата, информираат од нејзиниот кабинет.
На состанокот било разговарано и за обуките за интегритет и за судир на интереси кои се организираат за избраните и именувани функционери.
Грковска и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата образложија дека меѓусебната соработка и комуникација е клучна во процесот на градење на одговорни и отчетни институции кои треба да им служат на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.