Економија
Портпаролите на Влада: Продолжува агендата за стабилно снабдување со енергенси
Портпаролите на Владата, Муамет Хоџа и Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 82. седница на Владата.
Владата на вчерашната седница ги усвои заклучоците, мерките и препораките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи. Согласно тоа, беше прифатен предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можност за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, до 30.4.2023 година. Воедно, беше прифатен и предлогот за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, до 30.4.2023 година, беше соопштено на прес-конференцијата.
Предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, како што беше соопштено, ќе бидат доставени на разгледување и одлучување до Собранието.
На прес-конференцијата портпаролите информираа и за дополнителни мерки за поддршка на земјоделието како еден од приоритетите на Владата. Имено, на вчерашната седница Владата ги усвои измените и дополнувања на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството и согласно новите финансиски средства ќе се имплементираат нови мерки.
Портпаролите истакнаа дека Владата продолжува со интензивната агенда поврзана со обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија во период на глобален недостиг и високи берзански цени на енергенсите.
Тие информираа дека во духот на регионалната соработка, делегацијата предводена од премиерот Ковачевски вчера во Атина договори соработка со Република Грција за справувањето со енергетската криза. Договорено е непречено снабдување со лигнит и јаглен од грчките рудници, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“. Постигнат е договор и за непречено снабдување со мазут преку Грција како и до сега, за да може непречено да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе се обезбеди снабдување на електрична енергија и од овој капацитет. Доколку се случи какво било ограничување на извозот од Грција, договорено е дека тоа нема да се однесува на извоз во Северна Македонија.
Оваа посета на владината делегација, како што беше наведено, била искористена и за разговори за големи енергетски проекти како што е гасна централа и изградба на „ХЕЦ Чебрен“ за што има интерес од грчки инвеститори.
На прес-конференцијата портпаролите информираа дека согласно јавниот повик за избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, вршител на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија и вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија, во Владата на Република Северна Македонија се одржа јавно отворање на понудите. Процесот го спроведе комисија составена од претставници на владини институции. Како што истакнаа на сите три повици се јавил по еден понудувач.
За избор на вршител на енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија, се јавил „ЕСМ Производство на топлина ДООЕЛ Скопје“. За избор на вршител на енергетска дејност дистрибуција на топлинска енергија, пристигнала понуда од „ЕСМ Дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје“, а за избор на вршител на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија, се јавил „ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје“. Откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди, како што беше соопштено, Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници.
Информираа и за успешното враќање на туристичката индустрија во земјава по турбулентниот период предизвикан од пандемијата со Ковид-19.
Според последните статистички податоци, како што истакнаа, за седум месеци од годинава остварени без малку 1.400.000 ноќевања, а со август ќе се надмине бројката од 2,1 милиони. Ова е доказ дека можеме да обезбедиме до 2,6 милиони ноќевања во 2022 година и повеќе од 400 милиони долари во македонската економија од туристичката индустрија. Во периодот јануари – јули годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 53,3% и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 13,7%, кај странските зголемувањето е за 109,9%.
Овие податоци, како што беше истакнато, се резултат од досега преземените мерки и политиката на владата за поддршка на туристичкиот сектор.
На новинарското прашање околу барањата на бизнис-секторот за справување со енергетската криза и субвенционирање на дел од струјата на бизнис-омпаниите, беше посочено дека со ребалансот на буџетот за 2022 година, обезбедени се 76 милиони евра за нови антикризни мерки и дека се финализира дизајнирањето на нов пакет антикризни мерки првенствено наменет за ранливите категории граѓани.
Мерките, како што беше напоменато, ќе бидат насочени кон стопанството и дека се очекува на наредните седници да се расправа и за ова.
Околу цената на електричната енергија од Република Бугарија од 420 евра за мегават, беше информирано дека цената за мегават час сè уште не е утврдена и дека работните групи на двете влади интензивно работат на нејзино дефинирање. Конечната цел и на неодамнешната посета на владината делегација на Република Бугарија, како што посочија, беше да се добие цена на електричната енергија под берзанската.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

