Македонија
Трифун Костовски со поддршка за Арсовска: ВМРО-ДПМНЕ не смее да ги прави истите грешки од минатото
По актуелните случувања поврзани со градоначалничката Данела Арсовска, се огласи и поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски.
Тој застана во одбрана на Арсовска и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи градоначалничката, при што направи споредба со него кога тој бил градоначалник на Скопје со поддршка на истата партија.
„Флуидот што долго се чувствуваше во етерот дека има недоразбирање на релација градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која застана зад нејзината кандидатура, се појави на насловните страници на дневната политика, што објективно јас и го очекував. Со госпоѓата Арсовска имав една средба и во целиот нејзин мандат ја следам со голем интерес и внимание. Немам сомнеж дека нејзиното доаѓање на кормилото градоначалник на град Скопје е направено со најчесни намери. Ова сакам да го споделам со јавноста како поранешен градоначалник на град Скопје, а исто така и јас се кандидирав како независен кандидат поддржан од партијата ВМРО-ДПМНЕ и каде што на идентичен начин по неполна година од мојот мандат дојде до комплетно разидување. Разликата меѓу мене и Арсовска со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е во тоа што тогашната ВМРО-ДПМНЕ на чело со господинот Никола Груевски дојде на власт веднаш по локалните избори. Денешната ВМРО-ДПМНЕ, предводено од господинот Мицкоски, е во опозиција и грчевито се бори за предвремени избори како би дошле на власт бидејќи незадоволството од владејачката гарнитура е сеопшто познато. Убеден сум дека разидувањето меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е во фактот кој треба да го води градот Скопје – дали Арсовска или ВМРО-ДПМНЕ. Во мојот случај јас не дозволив ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски истовремено да биде и градоначалник на град Скопје, односно да бидам пион во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Госпоѓата Арсовска, која е избрана за градоначалник на град Скопје на редовни избори, е единствена повикана да го води градот Скопје. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, подржувајќи ја нејзината кандидатура, мораше да испорача и луѓе со капацитет да може да ги водат јавната адмнистрација и јавните претпријатија. Жалосно е што луѓето што се поставени на позиција од страна на госпоѓата Арсовска не одговараат пред градоначалникот, туку одговараат пред партијата што ги има предложено. На овој план мора потемелно да се доизградат односите меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и госпоѓата Арсовска бидејќи овие два субјекта треба да работат во интерес на граѓаните. Убеден сум дека вистинската поддршка на госпоѓата Арсовска од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ беше како мелем на рана бидејќи сум свесен што таа наследи долгови што Градот ги има кон фирмите со кои соработува. Буџетот на Арсовска на годишно ниво е 70 милиони евра, а наследи ненамирени обврски од 170 милиони евра. Во ваква консталација ВМРО-ДПМНЕ треба на висина на своето место и улога во нашето секојдневие да ја поддржи во нејзините настојувања за реализација на нејзините проекти, ама без никакви матни зделки, тендери и заткулисни игри. Буџетската дупка од 170 милиони евра мора да се затвори, а за таква работа е потребна посветеност и, секако, елиминирање на сите можни коруптивни и криминални дејства во сите институции на Градот. Упатувам на разум, пред сѐ, од партијата ВМРО-ДПМНЕ да се преиспита себеси и да ѝ даде вистинска поддршка на госпоѓата Арсовска бидејќи во дадената ситуација јас сум паталец од причини познати, само тогаш на господинот Груевски и неговата партија, култниот проект за изградба на „Кермес“ и ден-денеска стои како авет во центарот на Градскиот парк иако овој проект е финален, уплатени се сите комунални давачки и почнат е со градба, ама и денеска е објект без тапија, со најпрости зборови кажано – маркичката за „Кермес“ е избришана од ДУП-от на Општина Центар во време на владението на Никола Груевски и до ден-денес таа не е вратена. Тоа е мојата цена на непослушност кон Груевски. Ги поминав сите судски инстанции во Македонија барајќи ја правдата и на крајот со одлука на Врховниот суд на Република Македонија ми е вратена дозволата за градба, ама маркичка нема.
ВМРО-ДПМНЕ не смее да ги прави истите грешки од минатото, особно не денес кога сите граѓани на Република Македонија се пред голема неизвесност поврзана со енергетската и социјалната криза. Госпоѓата Данела Арсовска ја поддржувам во нејзините настојувања да биде вистински домаќин на Град Скопје“, наведува Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Граѓаните го видоа предавството на Македонија во Собранието, мигранти за пари
Граѓаните го видоа предавството на Македонија, овде, во Собранието и тоа во живо. Премиерот Мицкоски вчера побегна од пратеничките прашања. Побегна од вистината. Побегна од дебата за Резолуцијата на СДСМ со која јасно и недвосмислено се затвора прашањето за мигранти во Македонија, вели Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Еден ден претходно замина за Брисел. Зошто? За да избега од прашањата и од дебата за Резолуцијата. Откако побегна премиерот, побегнаа и неговите министри. Затоа, во знак на протест против ваквото понижување на Собранието и на граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. ДПМНЕ свесно и намерно побегна од расправа во највисокиот законодавен дом, меѓу избраните претставници на народот кои имаат уставна обврска да расправаат и да одлучуваат за најважните национални прашања“.
Резолуцијата на СДСМ, додава тој, не беше поднесена затоа што ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, ниту гласање.
СДСМ, нагласува Димитријевиќ, нема да биде соучесник во ова национално предавство, мигранти за пари.
„Нека си ја потпишат таа предавничка Резолуција сами. Нека си ја гласаат сами, заедно со колаборантите од ЗНАМ. Тие многу добро знаат што потпишуваат – предавство на Македонија. А знаат и што следува за предавство. Сега веќе на сите им е јасно: планот е прво избори, а потоа – мигранти во Македонија, за пари.СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство. Ова нема да им помине“.
Македонија
Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот, доставил документи за влошена здравствена состојба
Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.
„Со оглед што истиот доброволно се пријавил на органите на прогон и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која истиот има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот Јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24 часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.
Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.
„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.
Македонија
НСДП прослави јубилеј: 20 години од основањето на партијата
Нова социјалдемократска партија (НСДП) на свечена седница на Централниот одбор, одржана во Скопје, во хотел „Хилтон“, го одбележа јубилејот 20 години од основањето на партијата.
Процесот на формирање на НСДП започна на 23 ноември 2005 година, со прес-конференција во хотел „Александар Палас“, на која за првпат беше најавено создавањето на нов политички субјект со јасна визија и чиста намера – Нова социјалдемократска партија.

На 30 ноември 2005 година, на конвенција во Универзалната сала, првиот претседател на партијата, Тито Петковски, официјално го најави влегувањето на НСДП на политичката сцена.
Основачкиот конгрес на НСДП се одржа на 17 декември 2005 година во Македонскиот народен театар, на кој беа усвоени Статутот и Политичката платформа и беа избрани првите органи на партијата.

„Во изминатите дваесет години, НСДП се изгради како стабилен и значаен политички чинител кој секогаш ги става државните приоритети на прво место. Борбата за слобода и демократија и рушењето на режимот на Никола Груевски се меѓу најголемите општествено-политички успеси во кои НСДП зеде активно и значајно учество, дејствувајќи принципиелно и одговорно во интерес на граѓаните“, велат од Партијата.
Членството на државата во НАТО, како и големите социјални реформи спроведени од владите во периодот 2017–2024г, претставуваат значајни успеси и јасна потврда за реализацијата на програмските определби на НСДП, водени од слоганот: „Силно и чесно! За пристоен живот.“

Денес, кога растот на платите стагнира, кога социјалниот дијалог не функционира, синдикатите се омаловажени, а нивниот глас не е слушнат од Владата и кога работниците не се вистински вреднувани, НСДП е тука да биде нивниот глас — за правда, за праведна распределба на трудот и капиталот и за доследна борба за унапредување на работничките права – истакна претседателот Мисовски во своето обраќање.

„Под водство на претседателот Горан Мисовски, НСДП останува доследна на своите темелни вредности: борбата за социјална правда и еднаквост, јакнење на демократските институции, заштита и унапредување на работничките права, почитување на трудот, грижа за маргинализираните и обесправените, родова еднаквост, како и европеизација на општеството и интеграција во евроатлантските структури.

НСДП и во наредниот период ќе продолжи да дејствува одговорно, принципиелно и во интерес на граѓаните, со јасна определба за праведно, солидарно и демократско општество“, се додава во соопштението на НСДП.


