Култура
Костадиновска-Стојчевска во Корча: Ги афирмираме македонскиот јазик и култура

Денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска престојуваше во работна посета на Корча, Република Албанија, придружувана од деканот на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Добри Петровски; претседателот на Советот за македонски јазик, проф. Људмил Спасов, и амбасадорот на Северна Македонија во Албанија, Данчо Марковски.
Целта на работната посета беше финализирање на подготовките за вклучување на македонскиот јазик во наставно-образовната програма во рамките на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.
„Грижата за идентитетските особености, со акцент на негување на јазикот и на културните вредности се врвни приоритети на Владата на РС Македонија“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска имаше средба и со ректорот на Универзитетот, проф. Димитар Бело. На средбата беа разменети идеи за конкретна соработка меѓу Педагошкиот факултет од Битола и Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.
Министерката Костадиновска-Стојчевска ја искористи посетата и за средба со градоначалникот на Корча, Сотирач Фило, со кого разговараше за планираните активности околу организирањето на Денови на македонската култура во Корча, кои би се реализирале во втората половина на октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Бесплатен концерт на македонско-турско дуо во Даутпашиниот амам

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Даут Пашиниот Амам – објект на Националната галерија на Северна Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).
Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.
Настанот се одржува под покровителство на Амбасадата на Република Туркије во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано работи на зближување на културите преку уметнички и образовни проекти.
Влезот за концертот е бесплатен.
Култура
Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.
Култура
Премиера на „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски во битолскиот театар

Претставата „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски, на 16 април ќе биде премиерно прикажана на сцената на Народниот театар во Битола.
Претставата е по култниот роман на Ташко Георгиевски, а зад драматизацијата стои потпиосот на Јелена Цветановска.
Приказната ги обработува страдањата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и борбата да го зачуваат својот национален идентитет. Се изведува во период кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на Георгиевски.
„Судбината на помалите народи е тешка затоа што нивните приказни не се раскажуваат. Ако ние не си ги раскажеме своите приказни, нема кој“, рече режисерот Андреј Цветановски.
На сцената ќе настапат Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, музика Димитар Андоновски, кореографија Дамјан Цветановски.