Македонија
Џафери-Дир: Потребни се заеднички напори за хуманитарен одговор во Украина
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир.
Џафери ѝ посака на амбасадорката Дир успешно извршување на дипломатската мисија во земјава, нагласувајќи ја нашата цврста и недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, како и подготвеноста за натамошна политичка, економска, хуманитарна и безбедносна поддршка во соочувањето со предизвиците.
Тој оцени дека назначувањето на нова амбасадорка на Украина во Македонија веднаш по завршувањето на мандатот на претходната амбасадорка е потврда за одличните билатерални односи меѓу две земји. Нагласувајќи ја плодната меѓупарламентарна соработка, Џафери посочи дека парламентарните групи за соработка на Собранието на Република Северна Македонија и Врховната рада на Украина редовно остваруваат комуникација. Тој се осврна на неговата посета на Украина во април годинава и нагласи дека е охрабрувачки што украинските институции успешно функционираат во овие тешки времиња за украинската и европската безбедност. Истовремено, оцени дека се потребни заеднички напори за хуманитарен одговор, а злосторствата врз цивилното население мора да бидат истражувани и сторителите мора да одговараат.
Амбасадорката Дир информираше за состојбата во Украина по воената агресија од Руската Федерација и се заблагодари за поддршката од Собранието на Република Северна Македонија уште на самиот почеток на војната. Таа особено ги нагласи усвојувањето на Декларацијата за Украина и посетата на претседателот Џафери, како еден од првите високи претставници што ја посетил Украина по руската агресија. Нагласи дека Украина високо ја цени помошта и поддршката од Северна Македонија во сите сфери, вклучително поддршката за Меѓународната платформа за Крим. Таа информираше дека на претстојниот Прв парламентарен самит на Меѓународната платформа за Крим, што ќе се одржи следниот месец во Загреб, ќе биде инаугурирана парламентарната димензија на оваа Платформа.
Соговорниците изразија уверување дека плодната и успешна соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Амбасадата на Украина ќе продолжи да се развива со уште поголем интензитет во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

