Македонија
Маричиќ од Брисел: Скринингот ќе ги забрза реформите, имаме основа да напредуваме со добро темпо
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач Бојан Маричиќ во воведното обраќање на првиот скрининг-состанок го изрази своето задоволство за официјалното започнување со практичниот дел од пристапните преговори, по одржаната Меѓувладина конференција со Европската Унија во јули оваа година.
„По 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија, рече Маричиќ, додавајќи дека со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата.
Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ.
„Македонскиот тим тука во Брисел, а и колегите кои нè следат од Скопје се подготвени да ги слушнеме вашите искуства и совети за тоа како најдобро да се исполнат барањата на законодавството на ЕУ во областа на јавните набавки, поглавје кое е дел од Кластерот Темели“, посочи Маричиќ.
Главниот преговарач Маричиќ во своето обраќање на македонски јазик се осврна и на досега постигнатото од страна на Северна Македонија во конкретното поглавје, Јавни набавки, посочувајќи дека правната рамка за јавните набавки е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, односно дека Законот за јавни набавки е усогласен со Директивите за класични и комунални набавки (ЕУ/2014/24 и ЕУ/2014/25), како и со Директивата за правни лекови (2007/66/ЕЗ).
„На почетокот на 2022 година Владата ја усвои Стратегијата за подобрување на системот за јавни набавки за периодот 2022-2026 година, со Акционен план за 2022 година за нејзино спроведување. Директивата за одбрана и безбедност 2009/81/ЕЗ е транспонирана во Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот посочи дека активностите за воспоставување ефективни јавно-приватни партнерства се во тек и дека новиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство е подготвен и истиот има за цел транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување договори за концесија, додавајќи дека Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување и ќе биде доставен во владина процедура.
Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек.
„Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите“, објасни Маричиќ додавајќи дека законодавството во областа на правните лекови е во голема мера усогласено со правото на ЕУ.
„Не сме чекале почеток на преговорите без да работиме на конкретното поглавје. Но, знаеме дека пред нас е уште многу работа и посветеност на реформите, за што како Влада на Северна Македонија покажавме дека имаме политичка желба, волја и капацитет“, заклучи на крајот од своето излагање Маричиќ.
Денеска во Брисел почна скрининг-процесот за Северна Македонија и Албанија. Од 15 до 27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург.
До 27 септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој кластер, а во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изразуи сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството, замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.

