Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска ќе остави без егзистенција 100 вработени од „Водовод“

Градоначалничката Данела Арсовска своите фрустрации не треба да ги истура врз недолжни луѓе вработени во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Најавата за отпуштање на 100 лица, од кои дел се наследени од претходното раководствo и работат чесно веќе две па и повеќе години е крајно бесмислен и неразумен потег. Арсовска, неформално позната по реченицата ‘од утре да го нема’, нареди да нема 100 вработени во ЈП ‘Водовод и канализација’, оставајќи ги без работа и без егзистенција. Можеби нервозата на градоначалничката е резултат на извештајот на ЕИБ, кој ги негира нејзините обвинувања и потврдува дека тендерската постапка за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е водена правилно. Но нејзините лични чувства не смеат да бидат причина да им се одмаздува на вработените во јавното претпријатие.
Впрочем, за тоа дека Арсовска не е во право говорат и апелите на гранковите синдикати при ССМ, особено ако се има предвид економската состојба во која се наоѓа државата и егзистенцијата на 100 семејства од платата во ЈП „Водовод и канализација“.
Патем, инспекцискиот надзор од пред два месеца направен од страна на Државниот инспекторат за труд во јавното претпријатие увидел кристално чиста состојба, што само покажува дека овие 100 лица совесно и одговорно си ја вршеле својата работа. Оттука сметаме дека Арсовска треба да се вразуми и своите битки да не ги води врз грбот на граѓаните.
Скопје и граѓаните од неа очекуваат работа, проекти и модерно Скопје, а не нервозни реакции на градоначалничката. Таа треба да ги исполнува своите ветувања за кои е избрана и за кои е платена од народни пари“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за здравство формира независна меѓународна комисија по изјавата на Кедев за непотребни кардиолошки интервенции

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика. Одлуката следи по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев, дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции.
Алиу рече дека комисијата ќе биде независна и дека извештајот ќе служи како патоказ за понатамошни мерки. Од наредниот месец, приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат базите со информации за кардиолошки интервенции, со цел Министерството да ги агрегира податоците и да има увид во здравствените патеки на граѓаните.
Министерот потврди дека има база со информации од 2019 до 2025 година за кардиолошки интервенции во јавните и приватните установи и дека ќе се сретне со д-р Кедев за понатамошна соработка. Фондот за здравствено осигурување, пак, ги следи сите прашања за квалитетот и законитоста на услугите, но оценката на медицинската оправданост останува надлежност на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и специјалните комисии формирани од министерот.
Македонија
Никоски: Новата градинка во Потстаница, Драчево, значи подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата

Како напредуваат градежните работи за новата градинка во Потстаница, Драчево, на лице место излезе да провери и директорот на Управата за заштита на животната средина и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Никоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, заменик-министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Кисела Вода,Орце Ѓорѓиевски.
„Oвој објект e со вкупна површина од 300 квадратни метри и дополнително дворно уредување од 700 квадратни метри. Тој ќе обезбеди подобра грижа за децата и поголема поддршка за семејствата во овој дел од општината. Овој проект е доказ за нашата посветеност кон социјалниот развој и унапредување на квалитетот на животот во Кисела Вода“, рече директорот Никоски.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека новата детска градинка ќе биде целосно завршена за само 20 дена и дека во неа ќе бидат згрижени 75 деца.
Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников – ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.