Македонија
Тренчевска: Ние, жените во политиката, кои исто така не сме поштедени од насилство, уште похрабро и одлучно да застанеме против насилството
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска учествуваше на регионалната конференција за борба против насилство врз жените во политиката, во организација на НДИ Северна Македонија во соработка со регионалната програма на НДИ за интегритет на политичките партии, a со поддршка на Европската мрежа на политички фондации, Меѓународниот центар Олоф Палем и Европскиот едукативен центар.
Министерката Тренчевска во своето обраќање ја посочи родовата еднаквост како исклучително актуелна тема во секојдневниот живот, со посебен акцент на прашањето за учеството на жените во политиката.
„Република Северна Македонија има одлични резултати кога станува збор за застапеноста на жените во политичките партии, но и процентот на застапеност на жените во Парламентот и во Советите на единиците на локалната самоуправа. Но, не може да се пофалиме со застапеноста на жените како градоначалнички и учеството на жените во извршната власт. Ова е еден предизвик исправен пред сите нас, каде заеднички мора да дејствуваме за да ги промениме состојбите“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека зголемувањето на учеството на жените во законодавната и извршната власт има големо влијание за зајакнување на позицијата на жените во сите области на општественото живеење. Но, истовремено и соочување со сè поголемо присуство на насилство и говор на омраза кон жените во политиката.
„Насилството врз жените не препознава политичка партија, етничка припадност, верска определба, место на живеење, образовен и социјален статус, рурална или градска средина. Ова навистина сензитивно прашање ги обединува сите жени кои се занимаваат со политика на кое било ниво, од локално и централно ниво, женски форуми, пратенички, министерки. И токму позицијата да се биде во политиката е можност да се влијае, да се сменат работите во општеството. Тоа можеме само ако сите ние зборуваме гласно, одлучно и во секоја пригода работите ги кажуваме отворено. Затоа што молкот го охрабрува насилникот, да продолжи уште позасилено да применува насилство во сите негови форми“, истакна Тренчевска.
Таа се осврна на сè уште присутниот страв од стигматизација, негативен публицитет и срам од што ќе помислат другите, што, пак, упатува на тоа дека имаме многу премолчани обиди за насилство или, пак, веќе сторено насилство. Како и дека за ефективна борба против насилството на жените во политиката неопходно е да постои синергија помеѓу сите чинители и одреден степен на политичка зрелост.
„Потребно е и законодавство кое ќе го регулира насилството врз жените во општеството. Токму во таа насока како Министерството за труд и социјална политика минатата година го подготвивме а Собранието го донесе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, чиишто одредби јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата преку сеопфатни и интегрирани политики одлучно се посветува на превенцијата и заштитата на жртвите на родово базирано насилство врз жените и на семејно насилство“, потенцираше Тренчевска.
Таа нагласи дека со постојано гласно зборување и дејствување против родово-базирано насилство ја зајакнува борбата против насилството. Притоа се осврна на кампањите како актуелната „Со тебе сме – Заедно против насилството врз жените и девојчињата“ која е потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство.
„Во име на сите жени во општеството, токму ние, жените во политиката, кои исто така не сме поштедени од насилство, треба уште похрабро и одлучно да застанеме во борбата против насилството. Солидарни и заеднички да го осудуваме секој акт на насилство и да ги пријавуваме и јавно да ги осудуваме насилниците. Затоа што само ако сме единствени и обединети, независно од политичката партија од која доаѓаме, од етничката припадност и останатите наши различности, нашата сила ќе биде незапирлива. Ќе ги руши сите стереотипи и ќе го движи општеството напред“, порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче го соопшти новото раководство на партијата: СДСМ има нов тим, нова сила – нова енергија!
Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вчерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата. На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со „ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“.
Во продолжение е интегралната изјава на Филипче:
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Градско – Прилеп
Денеска во 20:25 час, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучката Манастирец кој беше пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор е пуштен за сообраќај во целост.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.

