Свет
Тајфун во Јапонија направи хаос: еден загинат и над 60 повредени, поплавени улици, пукна градежен кран
Најмалку едно лице загина, едно е исчезнато, а 60-ина лица се повредени кога тропска бура го погоди југозападниот дел на Јапонија и се упати на север кон Токио, јавува АП.
Улиците беа преплавени со матна вода од реките, а многу домаќинства останаа без струја кога тајфунот Нанмадол вчера го погоди регионот Кјушу слабеејќи во тропска бура.
Еден човек е пронајден мртов рано утринава во својот автомобил, кој бил потопен на фарма, изјави локалниот функционер Јошихару Маеда од Мијаконоџи во префектурата Мијазаки. Тој додаде дека едно лице се води како исчезнато кога одронот ја зафатил колибата.
Нанмадој дувал со брзина од 108 километри на час, со налети до 162 километри, соопшти Јапонската метеоролошка агенција. Десетици илјади луѓе ја поминаа ноќта во гимназии и други јавни институции за секој случај. Меѓу 60-те повредени има и такви што паднале бегајќи од дождот, а некои биле погодени од парчиња стакло, јавуваат јапонските медиуми.
Силниот ветер урна патишта и билборди, се скршил градежен кран, а штета е направена и на казино во градот Кагошима во југозападна Јапонија.
Брзите возови и авиони не сообраќаа, а предупредувања беа издадени поради можни одрони и излевање на реките. Се прогнозира дека бурата ќе го продолжи својот пат североисточно, преку главниот остров Хоншу, пред да стигне до Токио и североисточна Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

