Македонија
По 30 години, Битола добива прифатилиште за бездомни животни
По 30 години, Битола, конечно, добива прифатилиште за бездомни животни, кое ќе го носи името на најверното куче на светот – Хачико.
На последната 17-та седница на Советот на Општина Битола едногласно беа изгласани две точки: одлука за примање донација во вид на добра од Здружението за заштита на животните и животната средина „Бибевски“ од Битола и одлука за реализација на привремено решение до комплетна реализација на проектот за бездомни животни за поставување боксови на надворешниот простор (платото), кој е предвиден со постојната документација.
Локацијата на прифатилиштето е во склоп на земјоделското училиште во Битола, каде што се извршени и сите теренски подготовки.
„За оние што не ја знаат приказната за Хачико, тоа е куче од расата акита, кое секој ден во текот на цели 10 години го чекало својот сопственик на железничката станица во Токио, кој, за жал, починал, а на ова место тие двајца последен пат се разделиле. Токму оваа верност, истрајност, е потсетник за сите нас дека Битола цели 30 години чека прифатилиште за бездомни животни. 30 години апсолутно ни една локална самоуправа не повела никаква иницијатива за решавање на овој проблем! И по сите политички игри, ширење хистерија, обвинувања и лаги, денес со гордост можам да кажам дека нашата верност кон вас, преточена од приказната на Хачико, станува реалност“, објави претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.
„И најважното на кое денес сме особено се гордееме, донација во вредност од 600.000 денари од The Bibevski Foundation за изработка на ограда. Фондацијата со која поинаку има потпишан меморандум за соработка пред избори, а по донесувањето на денешната одлука, и меморандум со Општина Битола. Со ова за краток период ќе завршат градежните работи за надворешниот дел од прифатилиштето и во рок од 30 дена очекуваме дозвола од Агенција за храна и ветеринарство. Дозвола што никогаш ја немала Битола.
Наредна година со следниот буџет за 2023 година обезбедени се 40 милиони за изградба на целиот објект. Верни кон нашите сограѓани битолчани, Битола може поинаку!“ – објави претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска.
Згрижувањето и обезбедувањето хуман третман на бездомните животни во првата година од мандатот беше еден од приоритетните проекти на граѓанската иницијатива „Поинаку“, недостиг на градот и проблем за голем број битолчани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

