Економија
Бектеши со поглаварот на ИВЗ: Потребна е помош од верските заедници за да се поттикнат граѓаните да штедат струја
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Шаќир Фетаху.
Бектеши после состанокот кажа дека во овој момент е потребна помош од сите верски заедници со цел да се поттикнат граѓаните да штедат струја за да се обезбедат вишоци кои ќе им се дадат на компаниите.
„Со поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаху разговаравме за енергетската криза со која се справува државата со цел да ја добиеме поддршката од ИВЗ за штедење енергија, која е многу важна во делот на покажување на општествена одговорност од страна на сите институции, но и на сите граѓани на Северна Македонија. Нашата цел е да се подгигне свеста кај сите верници и кај сите граѓани за во овој тежок период којшто следува сите заеднички да заштедиме електрична енергија со цел за побрзо пребродување на оваа криза“, кажа Бектеши.
Министерот потенцираше дека сите институции во државата треба да постапуваат согласно препораките, да заштедат во делот на електричната енергија со тоа ќе заштедат и на сметка на граѓаните и на стопанството кои го полнат државниот буџет.
Поглаварот на ИВЗ по средбата изјави дека ИВЗ и досега штедела енергија бидејќи како што рече дека потрошената енергија се финансира од донации на верниците, но ќе ги повика и граѓаните да штедат струја.
„Ние и досега рационално ја користиме енергијата и мислам дека ќе помагаме за излез од кризата и за малку трошење пари од буџетите на нашите семејства за струјата со тоа што ќе апелираме тоа да го направат и граѓаните. Ние треба да бидеме свесни дека треба да придонесеме да се надмине кризата. Ќе преземеме мерки за рационализирање на енергијата.
Имаме повеќе од 700 џамии и над 200 вработени и на средбите со верниците ќе зборуваме за рационализација на потрошувачката на струја. Ние имаме и верска обврска да внимаваме како ИВЗ бидејќи трошењето е грев во нашата вера“ рече Фетаху и најави дека во активноста ќе бидат вклучени сите вработени во ИВЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

