Економија
Средба на гувернерката и евроамбасадорот Гир: Народната банка презема соодветни мерки за справување со инфлацијата

Во рамките на институционалната соработка, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ, Мари-Мадлен Канелопулу, шефица на Економскиот оддел при Делегацијата на ЕУ, и Алесандро Занота, економски советник во Одделот за операции при Делегацијата на Европската Унија, остварија работна средба со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и со вицегувернерката Ана Митреска.
На работната средба се разговараше за актуелните економски случувања и за последиците врз европската и домашната економија од војната во Украина и од енергетската криза.
Посебно внимание на средбата ѝ беше посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата, која е сè позначајна во сите земји во светот.
На средбата заеднички беше утврдено дека силниот и долготраен шок врз глобалните цени на енергентите и храната и натаму е главниот фактор што ги подгрева глобалната и домашната инфлација.
Ова е особено изразено во малите и отворени економии, како македонската, во кои голем дел од производите се увезува, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка.
„Во оваа смисла Народната банка одлучи постепено да ја зголемува основната каматна стапка со цел да ја намали инфлацијата, како што впрочем реагираат и многу други централни банки, вклучително и ЕЦБ“, посочи евроамбасадорот Гир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Андоновски: Зголемена соработка меѓу Македонија и Италија во областа на иновациите и технолошкит развој

Во рамките на Бизнис форумот помеѓу Македонија и Италија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави националните заложби во областа на технолошките иновации, дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.
Од Министерството соопштија дека на форумот беше истакната посветеноста на Македонија кон исполнување на реформската агенда на Европската Унија, при што новите реформски закони, особено Законот за сајбер безбедност, претставуваат силен доказ за заложбите на државата во заштита на граѓаните во дигиталниот простор и унапредување на технолошката отпорност.
На маргините од форумот, беше осстварена и средба со Мариа Триподи, заменик-министерка во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. На средбата беа разгледани клучни прашања од политичко и економско значење на двете земји, при што беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Македонија и Италија и продлабочување на соработката во дигитализацијата, трговската размена и политичката поддршка.
Во таа насока, беше предложено потпишување на Меморандум за соработка со ресорното италијанско министерство, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на иновациите, дигиталните алатки и сајбер безбедноста.
“Партнерството со Италија покажува дека и мала држава како Македонија може да има значајна улога на светската сцена. Ова е шанса за нови инвестиции, но и поддршка за македонските компании да го освојат европскиот пазар”, истакна Андоновски за време на форумот.
Заменик-министерката Триподи изрази поддршка и признавање за посветеноста на Македонија во процесот на дигитална трансформација, нагласувајќи ја важноста од продлабочување на билатералната соработка.
Економија
Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“.
„Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст“, рече премиерот.
Според него, оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Мицкоски кажа дека станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија.
„Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира“, рече Мицкоски.
Економија
Божиновска: Зелената транзиција веќе почна и Македонија води

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој е насочен кон продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката.
Во рамки на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија, Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.
„ Тоа не е случајност – туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.“, истакна министерката.
Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата.
Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте.
Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW.
Министерката подвлече дека mинистерството воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој предвидува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се обезбеди предвидливост и стабилност и за државата и за инвеститорите.
„Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет“, рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување,
заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.