Македонија
Маричиќ: Економските критериуми ќе го одредуваат темпото на преговори
Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг состанок за Економските критериуми, рече дека со формалното интегрирање на економските критериуми во кластерот Темели, исполнувањето на Копенхашките економски критериуми ќе биде меѓу главните политички приоритети во текот на пристапните преговори.
-Ако се има предвид важноста на кластерот Темели за динамиката на целиот преговарачки процес, тогаш е сосема јасно дека економските критериуми ќе бидат меѓу клучните области што ќе го одредуваат целокупното темпо на преговорите, рече Маричиќ на состанокот.
Според главниот преговарач, формалното интегрирање на Економските критериуми во кластерот Темели само ја нагласува важноста на економското управување и потребата од негово зајакнување со цел да се избегне ризикот на земјата да има макроекономска нерамнотежа по влезот во ЕУ.
Во своето обраќање, вицепремиерот Маричиќ се осврна и на досега сработеното, потенцирајќи дека Северна Македонија досега има поднесено осум Програми за економски реформи, а според оценките на Европската комисија, има подобрување на квалитетот и на документите во целост и на економскиот дијалог.
-Ова ги одразува постојаните напори што ги вложуваме за зајакнување на нашите институционални капацитети за подобра координација на економските политики и подготовка за идното учество во процесот на Европскиот семестар, истакна Маричиќ.
Новата методологија за проширување на ЕУ од 2020 година, за првпат ги става економските критериуми во првите редови на процесот на пристапување кон ЕУ, односно во првиот кластер, Темели.
Покрај економските критериуми, кластерот Темели за првпат, како дел од пристапните преговори ги вклучува и функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првото родено бебе во 2026 е девојче
Првото новороденче во Македонија во Новата 2026 година е женско бебе.
– На ГАК се роди принцеза, соопштија на својата Фејсбук страница од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Бебето е родено точно на полноќ на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, соопшти АМСМ
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ведро и студено утро, преку денот сончево со умерен ветер
Утрото ќе биде ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -1 до 6 степени.
Денеска времето во Скопје, ќе биде сончево и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -8, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Времето во наредните денови
Во петок времето ќе биде променливо облачно и студено со минимални температури насекаде под нулата. Во западните делови ќе има повремени врнежи претежно од снег. Потоа продолжува периодот на променливо облачно и потопло време со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе бидат во пораст.

