Контакт

Изложби

„Доаѓаме со поклон“ – голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ

Објавено пред

„Доаѓаме со поклон“ – голема изложба во Скопје на познатата уметница Шејла Камериќ ќе се одржи во вторник (27 септември), во Чифте амам, со почеток во 19 часот.

dobivaj vesti na viber

Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ.

Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, првпат во Македонија ќе пристигне Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата со наслов „Доаѓаме со поклон“.

„Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Метафоричката вредност што ја содржи ова дело постои и во многу други на разни начини. Многу од делата нè потсетуваат на предмети од домаќинството и на типично женски рутини: плетење, ткаење, работа во градината; да се биде мајка; па дури и да се биде подарок, подарен некому (затоа, доаѓаме со поклон). Шејла Камериќ ги употребува овие процеси и состојби за да ги истражи и доведува во прашање (де)конструкцијата на родот, идентитетот, интимноста и сексуалноста, како и општествената, политичката и економска потчинетост на жените и нивните претстави во рамките на патријархалните општества и неолибералниот капитализам. Во таа смисла зборот „поклон“ со англискиот „спелинг“ bow би можел различно да се прочита и протолкува: тоа bow се однесува и на наведнување, свивање, покажување дека се предаваме, покоруваме, прифаќаме, што исто така вообичаено може да се види пред или по перформансот. Да се прочита зборот различно и да се согледа и со оваа конотација исто така е поврзано со тоа како живееле жените во општествата што ни се познати досега.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“), како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така, ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на Hortus conclusus, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот „Свонси“: „Идејата да се заштитат жените од грев е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање тие ја спречуваат таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите“.

Шејла Камериќ (Сараево, 1976) живее и работи во Берлин, Истра и во Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево. Се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.

Некои од нејзините скорешни соло изложби се следниве: 2022: Kunsthaus Дрезден Robotron Kantine, Дрезден; 2021:КРАК Центар за современа култура, Бихаќ; Здружение Realstage, Сараево; 2018: Fondazione Adolfo Pini, Милано; Кибла, Mарибор и GAK Gesellschaft für Aktuelle Kunst, Бремен; 2015: ARTER Простор за уметност, Истанбул; Национална галерија на Косово, Приштина; 2014: Воен Театар, Сараево; 2012: Центар за современа уметност, Вилнус; Музеј за современа уметност, Белград; MSUM Mузеј за современа уметност, Љубљана; Sharjah Art Foundation, Sharjah Art Museum – мартовска средба, Шарџа; 2010: MACBA, Барселона; Röda Sten, Гетеборг; Prospectif Cinema, Центар Помпиду, Париз.

Групни изложби (избор): 2022: Manifesta 14, Косово; TATE Modern, Лондон; Kunstmuseum Волфсберг; Kühlhaus Берлин, MOCAK Mузеј за современа уметност, Краков; 2021: Национална галерија – Палатата, Софија; Нова Третјаковска галерија, Moсква; Mузеј на современа уметност, Sкопје; Уралско биенале, Eкатеринбург; 2020: Museum Kunstpalast, Дизелдорф; Boros Foundation, Берлин; Музеј Лудвиг, Будимпешта, Будимпешта; Museum für moderne Kunst, Бремен; 2019: The Phillips Collection, Вашингтон; Carré d’Art – Mузеј на современа уметност, Ним; Музеј на современа уметност Вроцлав, Вроцлав; Kunsthalle Дармштат; Weserburg | Mузеј за модерна уметност, Бремен; Второ Биенале на современата уметност Ковентри; 2018: Haus der Geschichte Австрија, Виена; Belvedere 21, Виена; Mузеј на современа уметност Загреб; 2017: Fondazione Nicola Trussardi, Милано; 2016: Hannah Ryggen Triennal, Tрондхајм; Times Museum, Гуангжу, Кина; Национален музеј на современа уметност, Букурешт; 2015: P21, Лондон; Wellcome Collection, Лондон; 2014: Kunstverein Hamburg, Хамбург; Австриски културен форум Њујорк (ACFNY), Њујорк; 2013: Tokyo Metropolitan Museum of Photography, Токио; 2012: Квангџу Биенале, Квангџу; Музеј на модерна уметност на Истанбул, Истанбул; Moderna Museet, Стокхолм; Биенале во Маракеш, Maракеш.

 

Изложби

„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис

Објавено пред

Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.

dobivaj vesti na viber

„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.

Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.

Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.

„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може

да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.

Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.

Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.

Прикажи повеќе...

Изложби

Стигнавме ли веќе? Младите фотографи ги бараат патоказите кон Европа

Објавено пред

Фото: Арбнора Мемети

Фото изложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“,  ќе биде отворена в четврток, 6.11.2025 година, во 19 часот во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.

dobivaj vesti na viber

Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на оваа изложба, која покажува како нивната генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа.

Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ. Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротиставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.

Фото: Иво Велчевски

Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба го претставуваме резултатот од нивната работа.

Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.

Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија World Press Photo.

Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е во четврток, 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на World Press Photo.

Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонски центар за фотографија.

Прикажи повеќе...

Изложби

„Ќе ме (С)нема!“ – изложба на Кети Талевска-Бакревска за исчезнувањето на Преспанското Езеро

Објавено пред

Изложбата „Ќе ме (С)нема!“ – Ода за Преспанско Езеро на Кети Талевска-Бакревска отвора силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро.

dobivaj vesti na viber

Изложбата претставува серија уникатни лумен-принтови, алтернативна фотографска техника, што ги изработува самата авторка, која е една од ретките што ја користи оваа техника во регионов.

Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам-глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. Во оваа изложба, Талевска Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото.

Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, Кети ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи.

Изложбата ќе се отвори во понеделник, 18.11.2024 година, во Офицерскиот дом во Битола, во 20.00 часот.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија4 часа

Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи

Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните...

Македонија4 часа

Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија

Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за...

Македонија5 часа

Студентите што студираат во странство или се прогласени за најдобри, ќе имаат предност за вработување на државните универзитети

Со поддршка од над 60 професори, засегнати институции и установи, претставници на студентите, стручни лица и експерти, Министерството за образование...

Економија6 часа

Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти

Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец. Во споредба...

Македонија7 часа

СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница

Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат...

Македонија7 часа

„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз

Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство...

Свет8 часа

Лавров: Москва е во таен контакт со некои европски лидери, тие бараат разговорите да останат тајни

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека Москва е во таен контакт со некои европски лидери и...

Македонија8 часа

Поднесена кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат полицајци на протестот за возачките дозволи

Независниот полициски синдикат поднесе кривична пријава против две лица од Битола кои се закануваа дека ќе убиваат луѓе на протестот...

Свет10 часа

Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага

Поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд е под полициска истрага поради сомнение за сериозна корупција поврзана со неговите врски со покојниот...

Свет10 часа

Трамп ја претстави TrumpRx: Нова платформа за поевтина набавка на лекови во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ја претстави TrumpRx.gov, нова онлајн платформа што ќе им овозможи на американските потрошувачи да...

Регион10 часа

Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул

Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и...

Свет11 часа

Аргентина бара од САД да го екстрадира Мадуро

Аргентински судија во среда побара од Соединетите Американски Држави да го екстрадираат поранешниот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој беше заробен...

Европа11 часа

„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали

Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски...

Свет11 часа

(Видео) Нов американски напад врз брод за дрога, двајца убиени

Американската војска соопшти дека во четвртокот нападнала друг брод во источниот Тихи Океан, за кој тврди дека превезувал дрога, при...

Економија23 часа

Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април

Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за...

Македонија1 ден

Воведување ред во државата, реализација на реформската агенда: Мицкоски порача дека годинава нема да има избори

„Ќе имаме можност да отпочнеме еден циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија, кои...

Македонија1 ден

(Видео) Филипче: СДСМ има решение за 600 евра плата, помалку луксуз – поголеми плати за работниците

Стандардот на работниците практично е срозен изминатите две години. Соочени сме со ситуација во којашто владата на ВМРО и ЗНАМ...

Македонија1 ден

62-годишен маж од Тетово починал по компликации од грип, соопшти ИЈЗ

Минатата недела во периодот од 26 јануари до 1 февруари во Македонија е регистриран уште еден случај на починато лице...

Македонија1 ден

Во следните 15 дена платете го данокот на имот за 2022, 2023, 2024 и 2025 година, апелира Ѓорѓиевски кој веќе блокираше 15.000 сметки за неплатен данок од 2021 година

Близу 20 милиони евра по основ данок на имот за изминатите четири години должат на Град Скопје граѓаните и компаниите....

Македонија1 ден

Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци, бараат надлежните да извршат проверка на мобилен телефон

Родителите на загинатите во „Пулс“ се сомневаат дека се врши притисок врз сведоци преку Вибер комуникација од затворот. „Имаме сознанија...