Македонија
(Видео) Пендаровски: Во интернет-просторот каде што нема физички бариери сè помасовни се примерите на омаловажување
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на јавната дебата на тема „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).
„Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, но и воопшто во јавниот говор. Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет. Комуникацијата не смее да биде сведена, како сега, во голем дел, на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза.
За таа цел, превенцијата е клучна. Затоа не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата. Во нашите домови, на работното место, во јавноста и на социјалните медиуми мораме да ја вратиме пристојноста во комуницирањето и да ја мериме тежината на нашите зборови. Или, како што вели народната мудрост, зборот коски нема, ама коски крши. За жал, токму во интернет-просторот каде што не постојат физички бариери сè помасовни се примерите на омаловажување, напади без основ, клевети каде што, наместо за комуникација меѓу нас, зборовите служат како инструмент за напади и дисквалификација“ рече претседателот Пендаровски.
![]()
Тој рече дека како политичар, понекогаш е изложен на несоодветно изречени зборови и обиди за лична дискредитација.
„Неопходно е инволвирањето на граѓанскиот сектор како репрезент на пошироката јавност. Системот на санкции, закони и казни не е доволен ако не работиме на креирање на позитивна атмосфера, со цел, превенирање на негативните појави. Сакам да верувам дека сè уште сме во фаза кога наместо да се лечи, може и да се спречи и затоа апелирам длабински да се соочиме со оваа комплексна проблематика. Да не одложуваме, да не прикриваме или да креваме раменици. Работата е до таму отидена што мораме да се соочиме со реалноста и да понудиме адекватни решенија и идеи“, порача Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

