Европа
Путин ослободи 215 заробеници од Азов за да го спаси кумот
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи да размени 215 воени заробеници од Украина за 55 руски затвореници кои ги држеше Украина.
На списокот на разменетите имаше едно звучно, и очигледно важно име за Кремљ – Виктор Медведчук.
Виктор Медведчук беше заробен на 12 април, речиси два месеца по почетокот на војната. Веста за неговото апсење на социјалните мрежи ја објави првиот човек на Украина, Володимир Зеленски. Украинските власти го сомничат контроверзниот бизнисмен за велепредавство и обиди за грабеж на националните ресурси на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
Еден ден по апсењето, Зеленски ѝ понуди на Русија да го замени Медведчук за заробени Украинци, но тогаш Кремљ ја отфрли таквата можност бидејќи „Медведчук не е руски државјанин“ и „нема никаква врска со специјална воена операција во Украина“. Како што тогаш беше соопштено од Москва, „тој е странски политичар“.
„Апсолутно не знаеме дали тој сака Русија да се вклучи во решавањето на клеветничкиот случај против него“ – изјави тогаш портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
За вкупно 55 руски затвореници кои ги држеше украинската страна, Русија беше подготвена да ѝ предаде на Украина 215 затвореници, од кои повеќето беа членови на контроверзниот баталјон Азов кој падна во руски раце заедно со фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
Медведчук, покрај тоа што е лидер на проруската опозициска партија во Украина, е близок пријател и кум на Владимир Путин. Форбс го процени неговото богатство на 620 милиони долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Путин: Најдобро би било јас и Трамп да се сретнеме
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека тој и Доналд Трамп треба да се сретнат за да разговараат за војната во Украина и цените на енергијата, прашања што американскиот претседател ги истакна во првите пет дена од неговата нова администрација.
Путин, сепак, рече дека не може да има сериозни мировни преговори со Украина, освен ако Западот не се потпре на претседателот Володимир Зеленски за да го поништи декретот од 2022 година со кој се забрануваат преговори со рускиот лидер.
Путин го опиша Трамп, кој оваа недела и се закани на Русија со нови санкции и царини доколку не преговара за крај на војната, како паметен и прагматичен. Тој рече дека не очекува американскиот претседател да носи одлуки за санкции кои би влијаеле на американската економија.
„Затоа, најверојатно ќе биде подобро да се сретнеме, врз основа на денешната реалност, мирно да разговараме за сите оние области важни за САД и за Русија. Ние сме подготвени“, рече тој, додавајќи дека тоа зависи од изборот на американската страна.
Тоа беше најсилниот показател досега од Кремљ дека сака предвремен самит со Трамп по три години практично никаков контакт на високо ниво со западните лидери за војната во Украина.
Европа
Лавров: Не гледаме знаци дека Европа или Украина се подготвени за мировни преговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска, според објавените изјави, кажа дека не гледа објективни знаци дека Украина или Западот се подготвени за мировни преговори и покрај се погласните изјави за потребата од такви преговори, пренесува Ројтерс.
„И покрај се погласните разговори за потребата од мировни преговори, објективно нема практични дејства што би укажале дека Киев и Западот се навистина подготвени за нив“, рече Лавров, според транскриптот од прашањата и одговорите што ги доби од новинарите, објавен на официјалната веб-страница на неговото министерство.
„Напротив, продолжуваат западните воени испораки на украинските вооружени сили, ѝ се поставуваат ултиматуми на Русија, постои (украинска) законска забрана за преговори, а не се решава прашањето за легитимноста на украинските власти“, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин во декември изјави дека Русија нема услови за почеток на преговори со Украина и е подготвена да преговара со секого, вклучително и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Но, тој рече дека Зеленски, чиј мандат требаше да истече минатата година, но беше продолжен поради воената состојба, ќе мора да биде реизбран за Москва да го смета за легитимен потписник на кој било договор, со што ќе се обезбеди неговата правна важност.
Киев тврди дека не станува збор за легитимноста на Зеленски и дека руските изјави на оваа тема се дизајнирани да го поткопаат неговиот авторитет.
Европа
Шефот на НАТО: Трамп е во право, Европа е проблем
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска на панел во рамките на Светскиот економски форум во Давос изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право и дека Европа троши премалку за одбрана.
„Тој (Трамп) е во право дека проблемот не е во САД. Проблемот е Европа. Делумно поради него, го видовме ова подобрување во однос на трошењето на европската страна на НАТО. Проблем број еден е што ние сè уште не сме на два процента од БДП во одвојувањето за одбрана“, рече Руте на панелот „Украински појадок“.
Како друг проблем тој посочи дека „два процента не се ни приближно доволни“. НАТО претходно постави цел да троши 2 отсто од БДП за одбрана, а Трамп неодамна изјави дека земјите од НАТО треба да потрошат 5 отсто од домашниот бруто-производ.
Некои официјални лица и аналитичари веруваат дека предлогот на Трамп од пет проценти е намерно висок за да почнат преговорите и очекуваат договорот да биде околу три проценти. „Сега сме безбедни, но НАТО нема да може колективно да се брани за четири или пет години ако останеме на два отсто“, истакна Руте.
Тој додаде дека неговиот претходник Јенс Столтенберг почнал процес, кој ќе заврши во мај или јуни оваа година, „до кога ќе одлучиме што точно ни треба во однос на капацитетот“.
„Сите (земји членки) што не се на 2 процента мора да достигнат 2 процента во следните неколку месеци. Не можеме повеќе да чекаме, а потоа мораме колективно да го засилиме. Ќе одлучиме за точниот број подоцна оваа година, но тој ќе биде значително поголем од 2“, најави Руте.