Македонија
Студено утро, облачно и со локален дожд

Времето во земјата наутро студено, во текот на денот променливо облачно со локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 10, а максималната од 14 до 22 степена.
Во Скопје и во околината променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 20 степени.
За време на викендот утрата ќе бидат студени, а дневната температура ќе биде во пораст, позначителен од почетокот на следната седмица.
Од вторник ќе има дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поројни со грмежи. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бизнисменот Асмир Јахоски нуди 2 милиона гаранција да излезе од притвор

Бизнисменот Асмир Јахоски понудил 2 милиони гаранција за да излезе од притвор. Тој е осомничен за перење пари. Обвинителството соопшти дека ќе ја прифати гаранцијата ако на посебна сметка на судот Јахоски депонира дополнителни 72.000.000 денари.
„Во мислењето, јавниот обвинител истакна дека предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари. Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него“, се наведува во соопштението.
Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.
„Притоа, обвинителот ги имаше предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбеди поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци. Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.
Македонија
РЕК „Битола“ ги уверува граѓаните дека квалитетот на воздухот не е нарушен

Во врска со неодамнешните реакции во јавноста за наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК „Битола“, АД ЕСМ, подружница РЕК „Битола“, ја информира јавноста за преземените мерки и за континуираните напори за еколошки одговорно работење.
Од таму додаваат дека иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7-километарска лента, РЕК „Битола“ активно работи на нејзино минимизирање.
Појаснуваат дека пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.
„Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување прашина при нејзиното спуштање во касетата.
На 26 март 2025 година Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК „Битола“. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини пепел, кои отстапуваат од пропишаните во главниот рударски проект за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање.
Со задоволство информираме дека денес на одлагалиштето што беше предмет на инспекцискиот надзор нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.
Во насока на долгорочно решение веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водните топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна“.
Дополнително, како што велат, ги споделуваат и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје.
„Во согласност со добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички PM 10 во согласност со уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (‘Сл. весник на РМ’ бр. 50/2005 и 183/2017).
Актуелното раководство на РЕК ‘Битола’ е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и обезбедување одржливо работење на комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока“, нагласуваат во соопштението.
Македонија
Одвоени средби на Муцунски со Ал Тани и Буршаков: нагласена потребата од продлабочување на економските и трговските односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на одвоени средби ги прими вршителот на должност во катарската амбасада во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, и амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков.
На средбата со вршителот на должност во амбасадата на Катар во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, беа потврдени традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, при што беше нагласена заедничката заложба за динамизирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво. Во делот на билатералната соработка, соговорниците ја истакнаа потребата од продлабочување на економските и трговските односи, како и од зголемување на обемот на катарски гринфилд и браунфилд директни инвестиции во нашата земја.
На средбата со амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков, соговорниците констатираа дека билатералните односи помеѓу двете земји се добри, при што ја нагласија потребата од нивно понатамошно продлабочување, особено во економската сфера, како и зајакнување на севкупната билатерална соработка во иднина. Беше изразено и заедничко задоволство од досегашната одлична соработка на мултилатерален план и меѓусебната поддршка на кандидатури во рамки на меѓународните организации. Министерот Муцунски и амбасадорот Буршаков разменија мислења и за други актуелни прашања од заемен интерес, изразувајќи уверување дека добрата соработка меѓу двете земји ќе продолжи со засилен интензитет.