Спорт
Нова рели-авантура за македонскиот екипаж Димушевски – Гушиќ

По успешното сезонско деби на релито Мионица во Србија во рамките на ЦЕЗ рели-шампионатот, викендов македонскиот рели-екипаж Владимир Димушевски и Бранко Гушиќ ги очекува нов голем предизвик, тие ќе настапат на Србија рели, кое традиционално се вози во околината на Врњачка Бања.
Србија рели е наследник на легендарното ЈУ рели, чие прво издание датира уште од 1967 година и кое со години беше централен рели-настан во поранешна Југославија честопати и како дел од календарот на европскиот рели-шампионат.
Организаторите најавуваат дека ова 55. издание на ова историско рели ќе биде воедно и најквалитетното и најмногубројно во последната деценија собирајќи ги на едно место најдобрите рели-екипажи од Турција, Бугарија и Романија. Честа на домаќините ќе ја брани најдобриот српски автомобилист, познатиот европски ас Душан Борковиќ.
Меѓу 46-те екипажи е и нашиот тандем Димушевски – Гушиќ со нивното возило Hyundai i20 Coupe, исто како и минатиот пат со подготовка и целосна логистичка и механичарска поддршка од бугарскиот рели-тим MSA Motorsport Academy“- од Сливен.
Во меѓународни рамки трката е дел од календарот на шампионатот на ФИА европски рели-трофеј – балканска зона, а зависно од исходот на оваа трка, ќе се знае кои екипажи ќе имаат право на настап на финалето од овој шампионат, кое се вози во ноември во Германија. Освен за ФИА, релито се бодува и за Отвореното првенство на Србија.
„Ова е сосема поинаков предизвик од релито во Мионица, кое беше одлично за наше деби и загревање, но сега пред нас е вистинско рели од европски ранг. Тука сме од вторникот, трениравме и ја учевме патеката. Имаме одлична и локална поддршка како и бугарскиот тим, кој ни го подготвува и сервисира возилото. Во нашата класа RC5 сме пет возила заедно со два бугарски и два романски екипажа. Се надеваме да го повториме успехот од Мионица со пласман на подиумот во нашата класа. За ФИА европскиот трофеј немаме големи шанси затоа што нашата група има над 20 возила, претежно од посилните класи, така што тука каков било пласман ќе биде успех. Но, пред сè, најважно е да стигнеме до крај и да го завршиме релито“, изјави трикратниот македонски шампион на кружни патеки, Владимир Димушевски.
Релито трае два дена, 24 и 25 септември, долго е 500 километри, а компетитивни се 150 километри поделени во 12 брзински испити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Филмска приказна: Риднеркнеш го доби Медведев, ќе игра против својот роднина за титулата

Артур Риднеркнеш и Валентин Вашеро ќе играат за титулата на турнирот од Мастерс серијата во Шангај. Веројатно нема ниту еден човек на планетата кој би можел да предвиди дека двајца братучеди, моментално 52-ри и 204-ти тенисер во светот, ќе бидат во финалето на престижниот турнир.
По пресвртот, Риднеркнес го победи Данил Медведев со 4:6, 6:2, 6:4 и му се придружи на својот братучед во финалето, кој го победи Новак Ѓоковиќ претходно во текот на денот.
Првиот сет беше практично решен во третиот гем. Медведев стигна до брејк и ја задржа предноста стекната до крајот на овој дел од играта за 6:4 и 1:0 во сетови.
Сепак, ова не го поколеба одличниот Французин. Во вториот сет, тој веднаш стигна до брејк во вториот гем, а потоа спаси дури пет брејк топки. Поведе со 3:0, а потоа, со уште еден одземен сервис од својот ривал, стигна до 6:2 и го израмни резултатот.
Риднеркнес го искористи заморот на Русинот и стигна до меч-поен. Не ја искористи првата шанса, но доби уште една. Медведев направи двојна грешка и со тоа му овозможи на Французинот да го постигне најголемиот успех во својата кариера.
Вашеро од Монако и Риднеркнес од Франција ќе се борат за пехарот во недела од 10:30 часот.
Спорт
Охрид убедлив, реваншот со Баку во ЕХФ Европскиот куп формалност

Ракометарите на Охрид се веќе со едната нога во следната рунда од ЕХФ Европскиот Куп. „Гладијаторите“ приредија вистинска ракометна лекција за Баку и на првиот меч славеа со неверојатни 44-11.
Од самиот старт беше јасно кој е господар на теренот. Охрид поведе со 5-1, потоа зголеми на 10-3, а на полувремето веќе имаше убедливи 24-7.
Голманот Чаневски одигра меч за паметење – одбрани 22 удари и заврши со 68 % успешност, што беше дополнителен удар за азербејџанскиот тим.
Тренерот Ројевиќ во второто полувреме им даде шанса на сите ракометари, но разликата само растеше. На крајот – 33 голови предност за македонскиот претставник.
Најефикасен беше Иванковиќ со девет погодоци, додека Ојлески и Ѓукиќ постигнаа по шест. Кај гостите се истакна Мамадов со четири гола.
Реваншот кој се игра утре од 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе биде само формалност – јасно е дека Охрид патува меѓу најдобрите 32 екипи во ЕХФ Купот.
Спорт
Викиншка доминација! Норвешка со шест од шест – Халанд повторно ѕвер

Репрезентацијата на Норвешка продолжува со совршените квалификации и веќе обезбеди место на Светското првенство! „Викинзите“ ја декласираа селекцијата на Израел со убедливи 5-0 (3-0) и ја запишаа шестата победа во исто толку натпревари.
Норвежаните тргнаа жестоко и уште во шестата минута имаа пенал, но Ерлинг Халанд не успеа да реализира. Сепак, ѕвездата на Манчестер Сити брзо се поправи – во 27. минута го отвори резултатот, а во меѓувреме Израел си постигна два авто-гола преку Калаили и Накмиас.
На полувреме резултатот беше 3-0, а во второто полувреме Халанд ја заврши работата. Со уште два погодоци комплетираше нов хет-трик и ја потврди доминацијата на Норвежаните во групата И.
Тимот на Солбакен има максимални 18 бода, а зад нив се бори Италија на Џенаро Гатузо за второто место кое носи пласман во баражот.
Во истиот термин, Унгарија потешко од очекуваното ја совлада Ерменија со 2-0. По прво полувреме без голови, Даниел Лукаш погоди во 56. минута, а Сомбор Грубер со гол во самиот финиш ги постави конечните 2-0.
По три одиграни кола, Унгарија има четири бода, еден повеќе од Ерменија.