Свет
(Видео) Украинците објавија видео: „За прв пат соборивме ирански дрон“

Украина денеска соопшти дека урнала четири т.н беспилотни летала камикази од иранско производство, кави што користи руската армија.
Поради ова, украинскиот претседател официјално му се пожали на Иран, тврдејќи дека официјален Техеран им помага на Русите во нападите врз украинските цивили, пренесува Ројтерс.
Вооружените сили на Украина на југот на земјата соопштија дека четирите летала Шахед-136 биле соборени во близина на пристанишниот град Одеса.
Украина и САД го обвинија Иран дека испорачува т.н Камикази беспилотни летала за Русија, а Техеран тоа го демантираше.
„Сметаме дека таквите акции на Иран се потези против суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, но и против животот и благосостојбата на украинските граѓани“, рече Зеленски.
Воени експерти велат дека Русија најверојатно користи ирански беспилотни летала за извидување, но и за напади.
Денеска, еден украински воен офицер објави видео на социјалните мрежи за кое тврди дека покажува беспилотно летало со долг дострел кое за прв пат е соборено од украинските сили над морето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.