Македонија
(Видео) Стоилковски: Сопругата на Бочварски и нејзината сестра ухлебени во штипската болница директно „од клупа“?
Продолжуваме со објавување на скандалозни непотистички вработувања и злоупотреби на позиции од клептоманите на власт, додека Македонија тоне во сиромаштија и во кризи!, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Штипската болница не е изградена, оцени тој, но тоа, како што додаде, не го спречува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од антимакедонската клептоманска СДС, токму таа болница да е местото каде на најбрз можен начин се вработува неговата сопругата.
„Бочварски да е појасно се венчава во мај, а веќе во јуни, неговата сегашна сопруга добива работа во штипската болница. Тоа што дополнително боде очи во овој случај е што во исто време, во ист ден, во штипската болница се ухлебени и сопругата на Бочварски и нејзината сестра. За да работата биде појасна Маринела Серафимова сега Бочварска и нејзината сестра Мартина Серафимова во оваа болница се вработени, како велат во Штип, веднаш од клупа по дипломирање, односно по неполни три месеци стаж во приватна здравствена установа“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Побара Бочварски да одговори: „Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра се вработени како општи докторки на специјалистички оддели на Интерна и на Педијатрија во Клиничката болница Штип, со дозвола на директорот на болницата, член на клептоманската СДС, Ален Ѓорѓиев? Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра ухлебени во штипската болница се директно „од клупа“ веднаш по дипломирањето и без тримесечен стаж? Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра се вработени во ист ден во штипската болница без оглас распишан од болницата? Дали е точно дека сопругата на Бочварски и нејзината сестра немале шестмесечен работен стаж во приватна установа пред да бидат вработени во штипската болница без оглас?
Дали е точно дека Благој Бочварски ја злоупотребил својата позиција како министер за да го изигра системот и без распишан оглас неговата сопруга и нејзината сестра да се вработени во штипската болница? И последно, дали и како е можно без работен стаж од шест месеци, ухлебена во јуни, сопругата на Бочварски да користи годишен одмор во август?“, праша Стоилковски.
Оценува дека Бочварски нема одговор зошто не е готов автопатот Скопје – Блаце што требаше да биде завршен, ниту автопатот Кичево – Охрид којшто исто така требаше да биде завршен, нема ниту изграден современ пат до Прилеп и Битола.
„Ништо од секторот на миленикот и протежето на Зоран Заев не е сработено и изградено, ама затоа за неговата сопруга и за нејзината сестра итно е отворена работа во штипската болница“, додава Стоилковски.
Според него, нема градба, нема капитални инвестиции, одговор од Бочварски затоа нема, бидејќи одговорот, како што кажа, веројатно е едноставен, „човекот веројатно се грижи за семејните вработувања“.
„Здравството е во колапс, луѓе умираат во болничките ходници дури и на клупите пред болниците ама затоа министерските семејства мора да бидат ухлебени на буџет! Со секој изминат ден со антимакедонската клептоманска СДС Македонија тоне се подлабоко во кризи и сиромаштија, а расте единствено бројот на злоупотребите на буџетот од клептоманите! Потребни се оставки, потребно е одговорност, потребни се итни избори!“, нагласи Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

