Македонија
Граѓаните најчесто практикуваат незаштитени сексуални односи, а на позитивната листа на лекови и натаму нема ниту еден модерен контрацептив
Во земјава само 14 отсто од жените на возраст од 15 до 49 години, кои се во врска или во брак, користат модерна контрацепција, а најшироко применуван метод на контрацепција е методот на „повлекување“ (прекинување на незаштитениот сексуален однос пред ејакулација). Во периодот од 2011 до 2018 година се намалува користењето на модерната контрацепција кај нас, вклучително и на оралната контрацепција и на спиралата: во 2018 година машки кондом користеле само 10 отсто од паровите.
Ова се само дел од алармантните наоди што беа претставени на денешната национална конференција „Контрацепција на позитивната листа! Зошто сè уште не сме спремни?“, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Наспроти оваа реалност која директно ја загрозува репродуктивната слобода на сите граѓани, стои фактот дека и покрај ветувањата на Владата од 2017 година, и натаму ниту едно контрацептивно средство не е достапно на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Иако во 2020 година беше изменет Законот за здравствено осигурување со што се олесни начинот на ревидирање на позитивната листа на лекови, Владата на Министерството за здравство сè уште немаат оформено соодветна комисија ниту донесено правилник за позитивната листа. Како последица на ова, граѓаните во Македонија плаќаат 42 % од вкупниот трошок за лекови и 100 % од вкупниот трошок за средствата за модерна контрацепција што се достапни во земјава.
„И покрај ваквите податоци, буџетот за програмите преку кои Владата обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми и тоа само за исклучително ограничен број жени од социјално ранливи категории и за жени со повторливи абортуси, се намалува. Па така, од 150 жени во 2018 година, во 2020 и 2021 година бројката паѓа на само 50 жени кои добиле бесплатни контрацептиви и тоа само преку здравствените установи на секундарно и терциерно ниво“, истакна Драгана Каровска-Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА.
Според проф. д-р Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, бројни истражувања спроведени на глобално ниво потврдуваат дека пристапот до модерна контрацепција ги намалува мајчината смртност за 25 отсто, а смртноста на новороденчиња за 20 отсто.
„Одредени методи на контрацепција ја намалуваат инциденцата на ХИВ и на сексуално преносливите инфекции, а соодветната информираност и употреба на контрацепција спречува непланирани бремености“, дополни таа.
М-р Ирина Луческа посочи дека Индексот за Македонија, со кој се изразува потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи во рамки на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад. Овој поразителен факт може да се илустрира со податокот од Заводот за мајки и деца при Здравствениот дом – Скопје според кој во 2020 година бил преполовен бројот на совети за планирање на семејството во примарната здравствена заштита.
„Анализата на перцепциите на релевантни пратеници за достапноста и употребата на современи средства за контрацепција покажа дека носителите на одлуки се согласни дека треба да има советување за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за контрацептивните средства“, истакна д-р Марија Ристеска, извршна директорка на ЦРПМ – Центар за истражување и креирање политики и авторка на анализата.
„Носителите на одлуки се согласни дека кондомите треба да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи, а контрацептивните пилули вклучени на позитивната листа на лекови.“
„Иако државата се обврза да воведе модерни контрацептиви на позитивната листа уште во 2010 година со Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2010-2020, со жалење констатираме дека 12 години подоцна ниту една Влада не успеа да го подобри пристапот до контрацепција. Оттука нашата Влада и сите одговорни институции треба во најкус можен рок да пристапат кон остварување на бројните ветувања што ги имаат дадено како потписници на меѓународни документи, но и на задачите што самите си ги поставиле во рамки на националните стратегии. Ова подразбира отпочнување на процесот на ревидирање на позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита, особено на најранливите граѓани кои немаат пристап до услуги за семејно планирање“, заклучува ХЕРА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.

