Спорт
Почина претседателот на Сојузот на спортови на Скопје Ѓорѓи Кузмановски
Трагична вест утрово ја потресе македонската атлетика, на 80. годишна возраст почина претседателот на Сојузот на спортови на Скопје и основачот на триатлонот во Македонија, Ѓорѓи Кузмановски.
Кузмановски беше роден на 15 јануари 1942 година. Уште од најмала возраст тој се вљубува во спортот, прво започнал со тренирање на ракомет во Пелистер Битола, паралелно тренира и фудбал, сè додека не го отрие велосипедизмот и тоа да стане примарна цел во неговиот живот.
Неговата љубов кон велосипедизмот и мотоциклизмот ја негува низ целиот живот и желбата да го пренесе неговото знаење за овие спортови во Македонија е од големо значење. Како страствен велосипедист напишал и публикувал три книги посветени на велосипедизмот кои станале драгоцен прирачник за сите кои се занимаваат со овој спорт. Од Велосипедскиот сојуз на Македонија го доби признанието за најдобар спортски работник на 20 век. Како дел од репрезентацијата на мотоциклисти настапувал на девет Европски Мото Рели натпреварувања. Секоја година беше препознатлив симбол за 8-ми Септември, кога со велосипед поминуваше над 100 километри на различни делници низ Македонија.
Тој низ неговата богата кариера беше дел од повеќе институции во Македонија и поранешната Југославија, како стручен секретар на сојузот за физичка култура на Македонија и раководител на стручната служба, претседател на Велосипедскиот сојуз на Југославија, тренер на југословенската А репрезентација во велосипедизам, основач на триатлонот во Македонија, иницијатор за обнова на Скопскиот маратон, претседател и основач на триатлон клубот „Софка“, прво генерален секретар, а потоа и претседател на Сојузот на спортови на Скопје, која ја извршуваше сè до неговата смрт. Беше активен член во боксерскиот и велосипедскиот сојуз на Македонија.
Зад себе остави семејство кое чекори по неговите стапки, а тоа е љубовта кон спортот и зачувување на неговото дело во светот на спортот во Македонија. Во негова чест Македонскиот Олимписки Комитет ќе оддржи комеморација утре во конференциската сала на СЦ „Јане Сандански“ во 13 часот.
Погребот ќе биде во среда на градските гробиштата Бутел, во капела од 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Де Роси е новиот тренер на Џенова
Фудбалскиот клуб Џенова ќе го назначи Даниеле Де Роси за нов тренер, објавија денес италијанските медиуми.
„Фудбал Италија“, објави дека Де Роси ќе потпише договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување на соработката доколку тимот избори опстанок во Серија А.
Де Роси ќе го предводи тимот во претстојниот првенствен натпревар против Фиорентина во недела.
Управата на Џенова не сакаше да го одложи назначувањето на новиот тренер, туку да го ангажира пред паузата во првенството.
Исто така, раководството реагираше брзо бидејќи очекуваше Де Роси да добие понуда од друг клуб.
Џенова го отпушти тренерот Патрик Виеира на 1 ноември откако тимот не победи на ниту еден натпревар во првите девет кола од Серија А.
Оттогаш, тимот го предводеа Роберто Мургита и Доменико Кришито, а во понеделник, Џенова ја оствари својата прва победа во лигата, против Сасуоло со 2:1 и се искачи на 18-то место на табелата со шест бода.
Спорт
Втор ден од четвртото коло, дербито е во Манчестер
По првиот ден од натпреварите од четвртото коло на фудбалската Лига на шампиони, само Баерн и Арсенал имаат максимален учинок, а од другите учесници во реформираното натпреварување, само Интер може да ги следи.
Најпривлечниот натпревар вечерва ќе се одигра во Манчестер. Тимот на Пеп Гвардиола за противник ја има Борусија Дортмунд. Во првите три рунди двата тима имаа по две победи и едно реми.
„Колку е важна оваа серија од два домашни натпревари во Лигата на шампионите? Многу. Не велам дека ќе биде лесно бидејќи Дортмунд секогаш дава сѐ од себе во ова натпреварување. Тие секогаш стигнуваат во подоцнежните фази. Но, со девет бода повеќе ќе се квалификуваме. Блиску сме до место меѓу првите осум“, пресмета стратегот на Сити, Гвардиола.
Лига на шампиони, 4.коло:
Пафос – Виљареал 18.45 часот
Карабаг – Челзи 18.45
Ајакс – Галатасарај 21.00
Бенфика – Леверкузен 21.00
Клуб Бриж – Барселона 21.00
Интер – Каират 21.00
Манчестер Сити – Борусија Д. 21.00
Њукасл – Атлетик Билбао 21.00
Марсеј – Аталанта 21.00
Спорт
Компани: Сè е супер, но трофеите не се освојуваат во ноември
Тренерот на Баерн, Венсан Компани, по победата против Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите, изрази задоволство од настапот на својот тим, но исто така нагласи дека се соочуваат со уште поголеми предизвици до крајот на сезоната.
„Освоивме три бода, и тоа е добро, но никој не освојува трофеи во ноември. Ова е далеку од тоа да го одлучи победникот на Лигата на шампионите. Се сеќавате како ПСЖ ја освои титулата минатата сезона… Станува збор првенствено за пласман во следната фаза од натпреварувањето. Направивме сериозен чекор во таа насока. Ни требаат позиции од кои ќе биде полесно да се бориме за финалето“, рече Компани, објавија германските медиуми.
Баерн е на првото место на табелата на ЛШ со 12 бода, исто колку и второпласираниот Арсенал. Фудбалерите на Арсенал и Баерн ќе се сретнат на 26 ноември во Лондон во петтото коло од Лигата на шампионите.
Фудбалерите на Баерн одиграа 16 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона и ги забележаа сите 16 победи.

