Македонија
(Видео) Центар татни, Стојменов повторно сам ја урива дивоградбата „Беко“
Центарот на Скопје трет ден татни од багер кој ги урива дивоизградените столбови на поранешниот хотел ТЦЦ„Плаза“ на местото на некогашната стоковна куќа „Беко“. Борислав Стојменов, инвеститор на објектот, вторпат сам го урива изграденото на местото на поранешната стоковна куќа. Овој пат, од неговата правна служба велат дека уриваат за да можат да поднесат ново барање за градење и да го изградат планираниот објект.
„Постапуваме по последното решение за уривање што ни го издаде градежната инспекција. Ќе се урне се што е надвор од градежната јама. Не сакаме и за ова решение да одиме по судови. Штом заврши уривањето ќе поднесеме ново барање за одобрение за градба и ќе градиме, не се откажуваме од објектот“, објаснува правната служба на Друштвото за економски консалтинг, услуги и трговија – Економско биро, сопственост на Стојменов, за „Макфакс“.
Првото самоуривање на објектот на местото на поранешната стоковна куќа Стојменов го направи пред четири години откако статичари, на негово барање, утврдиле дека потпокривот направен од метална конструкција пропушта вода и тече насекаде.
По уривањето Стојменов почна да гради нов објект, на местото на стариот, но со поголем габарит, повикувајќи се на одобрение за градење од 2016 година, а Општина Центар му издаде неколку решенија за уривање, неколкупати го запечати градилиштето, но и покрај тоа објектот излезе од темели, а пролетва беа изградени и столбови над земја.
И сегашното уривање Стојменов го пријавил во Општина Центар.


„Пред околу два месеци добивме известување дека инвеститорот сам ќе се урива“, велат од Општина Центар.
Општината и покрај многуте решенија за уривање не го урна изграденото. Последното објаснување за тоа што не уриваат од мај годинава беше дека нема да чепкаат на градилиштето се додека не се изјасни Обвинителството. Истиот месец Обвинителството одлучи да го гони Стојменов за бесправно градење, а тој пак најави дека судењата ќе откријат афера како „Рекет“ и посочи дека зад блокадите на градилиштето стои поранешниот премиер Зоран Заев и дека му се вршел притисок хотелот да го продаде евтино.
Од правната служба на Стојменов велат дека ново одобрение за градење ќе бараат независно од постапките во Обвинителството и очекуваат дека токму тие постапки ќе покажат дали Стојменов бил во право.


Кривични пријави за бесправно градење и за искината пломба на градилиштето против Стојменов поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ. Во јуни годинава, пак, кривини против Богдановиќ и градежните инспектори од Општина Центар поднесе Стојменов. Од Обвинителството известија дека кривичните пријави од Стојменов се во предистражна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

