Македонија
Маричиќ: Реформите се многу повеќе од нови ЕУ-закони, тоа се промени во функционирањето на институциите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешниот објаснувачки скрининг-состанок за функционирање на демократските институции, во своето воведно обраќање рече дека ова е област што е од суштинска важност за секое демократско општество и дека ќе бара максимална посветеност на реформската агенда, која ќе помогне да се забрза напредокот во оваа важна област.
„Реформските процеси не се само за воведување нова легислатива, туку и за промена на менталитетот и на стилот на владеење. Знаеме и имаме искуство за тоа колку е важно владеењето на правото, како и тоа да имаме независни и ефикасни институции, кои го гарантираат тоа“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Маричиќ, на состанокот истакна дека Северна Македонија има постигнато огромен напредок во последните години, особено во однос на владеењето на правото и враќањето на демократијата со градење силни и функционални институции, кои работат на принципите на отчетност, транспарентност и инклузивност, со што успешно одговорила на назадувањето, кое е нотирано и во последниот извештај на Европската комисија.
„Во изминатите неколку изборни циклуси покажавме способност да организираме фер и конкурентни избори, како што беше потврдено од ОБСЕ/ОДИХР. Во однос на изборната реформа беа направени неколку измени на Изборниот законик за да се адресираат препораките што чекаат од извештаите за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, како и препораките и најдобрите практики на Венециската комисија“, потенцира Маричиќ додавајќи дека продолжувањето на изборната реформа е меѓу приоритетите како Влада преку инклузивен и транспарентен да се донесе нов Изборен законик.
Вицепремиерот Маричиќ уште еднаш истакна пред претставниците на Европската комисија дека е важно во Северна Македонија да имаме национален консензус за пристапниот процес и опозицијата да игра конструктивна улога во исполнувањето на нашата стратешка цел за полноправно членство.
„Собранието ја подобри својата улога како примарен форум за конструктивен политички дијалог. Сите партии придонесоа за две успешни рунди на дијалогот ‘Жан Моне’ со Европскиот парламент. Оваа соработка е високо ценета како и континуираната поддршка на нашите напори за натамошно зајакнување на улогата на парламентот. Со усвојувањето на преговарачката структура предвидуваме клучна улога на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции во процесот на усвојување на усогласената легислатива и организирање дебати и консултации за реформите поврзани со ЕУ“, посочи Маричиќ.
Денеска, се одржа објаснувачкиот скриниг-состанок за уште една област што првпат се воведува во пристапните преговори – функционирање на демократските институции во рамките на кластерот „Темели“, која е основна вредност врз која функционира Европската Унија.
Утре, ќе се одржи скрининг-состанок за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, со кој завршуваат објаснувачките скрининг-состаноци за кластер 1, „Темели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

