Македонија
Грковска: Системскиот пристап во справувањето со перењето пари и финансирањето тероризам дава резултати

Усвојувањето на Закон за борба против перење пари и финансирање тероризам, чија имплементација веќе започна и кој е усогласен со најновите меѓународни стандарди и директиви на Европската Унија, како и подготовката на новиот Кривичен законик, кој е во завршна фаза, се клучни за подобрување на системските мерки во борбата против организираниот криминал и тероризмот. Поддршката и помошта што Советот на Европа и Европската Унија ни ја даваат, за подобрување и развој на системи и практики на добро владеење, е од клучно значење за Република Северна Македонија и верувам дека оваа плодна соработка ќе продолжи и во наредниот период, соопшти заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, на дводневната завршна конференција што се одржува во Будва, Црна Гора, за Проектот „Акција против економскиот криминал“, што се спроведува во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција.
„Проценетата вредност на перењето пари во светот, според последните статистички податоци, е од два до пет проценти од светскиот БДП. За жал, Северна Македонија не е имуна на овој феномен и се соочува со голем предизвик во борбата против овој криминал. Значително подобрување е забележано во процесирањето на случаите за перење пари во 2021 година. Поднесени се вкупно 12 кривични пријави против 61 лице, 5 обвиненија против 15 лица, 7 пресуди за 16 лица и 2 правосилни пресуди за 2 лица. Овие подобрувања се резултат на работата на националните власти и нивната посветеност, но треба да се оддаде признание и за работата на Акцијата против економскиот криминал во изминатите шест години“, нагласи Грковска.
Таа оцени дека заедничката работа преку овој Проект овозможи низа активности, како што се Националната проценка на ризик од перење пари и финансирање на ризици од тероризам, како и изготвување Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризмот.
Она што произлезе од заедничката соработка, а што е многу значајно, е подготовката на законското решение за потекло на имот.
„Ова законско решение кога ќе се донесе ќе биде од големо значење за идентификување и одземање имот за кој не може да се утврди потеклото и значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и сите видови економски криминал. Очекуваме поддршката од Советот на Европа и Европската Унија да продолжи во оваа активност, со цел успешна имплементација на овој закон“, нагласи Грковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Сопиште, Кисела Вода и Зелениково

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Соње, општина Сопиште;
· од 09:30 до 11:30 часот, корисниците од улиците: Партизански пат, Илија Ристевски и дел од Драчевска во село Драчево, општина Кисела Вода;
· од 09:30 до 15:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Делови од Центар и Гази Баба денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска:
· поради промена на вентил во шахта на ул.Ленинова бр. 73, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од ул. Ленинова (на потегот од бул. Митрополит Теодосиј Гологанов до ул. Никола Тримпаре), општина Центар;
· поради изведувње на водоводен приклучок на ул. Индустриска, од 08:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, oпштина Гази Баба;
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од Ф-90мм на Булевар Илинден бб кај ресторан Гарден, од 08:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Тениското игралиште, општина Центар.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
АМСМ известува дека денеска во време од 08:00–16:00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка ХРОНО, при што сообраќајот на регионалниот пат граничен премин Пелинце на потегот од раскрсницата за село Драгоманце до Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде запрен.
Исто така, истиот ден на 22.07.2025 година во време од 08.00–17.00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка МОУНТАИН БАЈК (тренинг), при што сообраќајот на патот во село Добршане на регионалниот пат за Свети Николе до местото викано Студена Вода ќе биде запрен.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за 23.7. и 24.7.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила за влез и излез од државата, времето на чекање е околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.