Македонија
Општина Центар ќе формира јавно претпријатие за производство на струја
Општина Центар може да почне подготовки за формирање јавно претпријатие за производство и трговија на електрична енергија со поставување фотоволтаици. Советот на Општината на денешната седница со 16 гласа „за“ донесе одлука да ја прифати иницијативата за формирање јавно претпријатие иако многумина советници бараа објаснување кој предлага да се формира претпријатието, колку би ја чинело Општината ново јавно претпријатие и зошто се брза без анализа да се донесе одлука.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, на советниците им образложи дека е небитно кој предлага да се формира вакво претпријатие оти целта е што побргу да се намалат сметките за струја.
„Продавачи на магла не ни требаат, се работи за интересот на граѓаните. Проблемот е сериозен. Ако сакате политички поени кој ја предложил, да дебатираме, еве, јас ја прифатив. Не продаваме магла, работиме со бројки. Ќе имаме и целосна информација, правиме физибилити-студија со не наши пари, туку со стручни луѓе што сакаат сериозно да им помогнат на граѓаните“, рече градоначалникот Герасимовски и објасни дека во тек е анализа за исплатливоста за поставување фотоволтаици на училиштето „Киро Глигоров“, кое има најголема сметка за струја од сите училишта во Центар.
Во прифатената иницијатива стои дека првична цел на јавното претпријатие е да изгради фотоволтаични централи на сите поволни локации со кои стопанисува Општина Центар, како покриви на училишта, градинки, ПОЦ и со нив да стопанисува. Во втора фаза да инвестира во производствени капацитети за електрична енергија на поволни локации надвор од границите на општината, како и да закупува покриви на приватни станбени згради на територијата на општината. Во последната фаза на развој ова претпријатие самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, како и други потрошувачи.
Во образложението е наведено и дека поради актуелната енергетска криза, потребно е претпријатието итно да профункционира за да се избегне колапс на општината, кој неминовно следува ако не се преземе ваква активност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

