Македонија
Платформа за родова еднаквост: Правото на здравје значи и пристап до легален абортус – и не смее да трпи поради економската криза
Родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација – ова е барањето што денес, на 28 септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, го упатуваат илјадници поборници за репродуктивна слобода до своите влади во светот. По тој повод, Платформата за родова еднаквост нагласува дека пристапот до услуги за репродуктивно здравје мора да биде гарантиран, дури и во услови на криза.
Ова, како што појаснуваат, е особено важно ако се земат предвид економската и воената криза кои директно влијаат на финансиската и социјалната стабилност, а со тоа и на добросостојбата на луѓето низ светот, па и во земјава. Иако постојниот закон за прекинување на бременоста во Македонија е полиберален од претходниот, тој сепак не предвидува покривање на трошоците доколку оваа здравствена услуга се бара поради социјални или материјални причини. Третирајќи го абортусот како есенцијална здравствена услуга само кога постои медицинска причина, Фондот за здравствено осигурување и останатите надлежни институции ги доведуваат во безизлезна ситуација жените кои не сакаат да ја продолжат бременоста и кои се во социјален ризик или живеат во сиромаштија, велат од таму.
За неполна година, оценуваат од Платформа за родова еднаквост, цените за абортус во приватните болници во Македонија двојно се зголемија и сега оваа услуга чини 350-400 евра. „Дополнително, медикаментозниот абортус (абортус со лекови), кој е побезбедна и поевтина опција од хируршкиот метод, е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, но не постојано поради дисконтинуитет во испораката на потребните лекови. Жените од другите градови, пак, ја немаат оваа алтернатива не само поради недостапните лекови, туку и поради недоволно обучениот кадар во локалните државни болници“, се додава во нивната реакција.
Платформата за родова еднаквост апелира надлежните институции во земјава да ја препознаат потребата на сиромашните и маргинализираните жени за абортус и да овозможат финансиски достапни цени за оваа есенцијална здравствена услуга, особено во време на криза. „Во спротивно, државата директно (ќе) ги турка жените во уште поголема сиромаштија и во социјална небезбедност, а не е исклучено и дека ќе ги присили да побараат поевтини нелегални опции за абортус, со што директно би биле загрозени нивното здравје и добросостојбата на нивните најблиски“, истакнуваат од Платформа за родова еднаквост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

