Македонија
Грковска: Слободата на изразување, заштитата на медиумите и на новинарите клучни области на кои ќе работиме во иднина
Унапредување на здравствената заштита во затворите, градење на капацитетите за борба против трговија со луѓе кај полицијата, но и во правосудниот систем, социјалните работници и трудовите инспектори, како и јакнење на капацитетите во правосудството за слобода на изразување, слобода на медиуми, заштита на новинарите, се дел од клучните области на кои мора како држава да се насочиме во наредниот период, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на завршната конференција што се одржува во Будва, Црна Гора, за проектот „ Акција против економскиот криминал“, што се спроведува во рамките на Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција, поддржан од Советот на Европа и Европската Унија.
Таа нагласи дека во соработка со нашите меѓународни партнери, во наредниот период ќе се обезбеди зајакнување на системот во борбата против говорот на омраза и криминалот од омраза, како и подигнување на свеста за опасностите од говорот на омраза во нашето општество, борбата против дискриминацијата и заштитата на ранливите групи.
„Сето ова што го споменав е силно поврзано со работата на Владата на Република Северна Македонија, во врска со пристапувањето на земјата во Европската Унија, особено со поглавјата 23 и 24 од процесот. Изминатиов период значаен напредок се постигна во процесот на спречување и борба против трговијата со луѓе за трудова експлоатација и трговија со деца. Ги зајакнавме капацитетите и ја зголемивме свеста на трудовите инспектори и членовите на мобилните тимови за борба против трговијата со луѓе, што, пак, придонесе за зголемување на бројот на идентификувани жртви на трговија со луѓе заради трудова експлоатација од 0 во 2017 година на 42 во 2022 година“, рече Грковска.
Додаде дека јавната свест за ова кривично дело беше подигната преку наменски кампањи, како и преку зајакнување на капацитетите на медиумите кои известуваа за трговијата со луѓе.
„Несомнено морам да истакнам дека работата што се спроведуваше во текот на изминатите шест години во Република Северна Македонија, преку сите акции во рамките на хоризонталниот механизам, многу придонесе за севкупниот напредок на сите институции, корисници на овој проект“, рече Грковска и ја истакна важноста на активностите поврзани со справување со говорот од омраза, како и промоцијата на различноста и еднаквоста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

