Македонија
Над 130 домаќинства во Лисиче добија еколошки уреди за греење и енергетско-ефикасни фасади
Во дворот на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Лисиче денеска се одржа завршниот настан од проектот „Справување со загадувањето во Град Скопје“, кој во изминатиот период низ неколку фази се реализираше во општина Аеродром.
Проектот е финансиран од шведската амбасада со поддршка на УНДП, а опфати енергетска обнова на 130 домаќинства во населба Лисиче, при што беа спроведени сет мерки за енергетска ефикасност, вклучително и замена на старите и неефикасни уреди за греење, чија крајна цел е справување со загадувањето на воздухот.
„Шведска го поддржа УНДП во овој проект кој им помогна на речиси 130 домаќинства да ги направат своите домови помали загадувачи, со почист воздух во затворените простории. Тоа, исто така, го поевтини нивното загревање во текот на зимските месеци, што јасно покажува дека може да се изнајдат решенија што ќе ги опфатат сите“, изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон Џеин на денешниот настан.
Градоначалникот Тимчо Муцунски го потенцираше значењето на овој проект кој е од огромна помош за жителите што се најпогодени од проблемот со загадувањето.
„Како општина сме посветени на изнаоѓање трајни решенија при справувањето со загадениот воздух, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на животот во Аеродром е да креираме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста, а некои веќе даваат и конкретни резултати.“
Имплементацијата и спроведувањето на овој проект почна со поставување станици за мерење на загадувањето на воздухот на повеќе локации.
Општина Аеродром останува отворена за соработка со сите фактори во општеството кои на свој начин придонесуваат за подобрување на животната средина и создавање здрава и чиста околина. Oпштината досега реализираше конкретни чекори како што се субвенциите за електрични тротинети и велосипеди, енергетски ефикасни фасади на домовите и училиштата, фотоволтаици на сите училишта и градинки, редовното чистење на депониите, бришењето на маркиците за градба и изградбата на неколку нови паркови се само дел од овие чекори во процесот за подобрување на животната средина. Проектот „Чист Аеродром“ или Clean AirDrom – Нула цврст отпад, финансиран од Европската Унија е само уште една потврда за нашите заложби поврзани со здравата и чиста животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

