Македонија
Театар во Град Скопје: Арсовска тераше инает со Славески и не се тргаше од говорницата
Театар се случува на седницата на Советот на Град Скопје. Претседавачот Трајко Славески ѝ се налути на градоначалничката Данела Арсовска додека таа го бранеше планот за вработување на „Водовод и канализација“ за идната година и бараше да се одобрат вработувања на 120 лица. Откако советникот Малиша Станковиќ од ВМРО-ДПМНЕ побара советниците да не даваат поддршка за планот, Арсовска од говорница го употреби изразот „рачиња во медот“ додека зборуваше за разрешениот директор Златко Перински. Тогаш во одбрана се вклучи Славески, кого Арсовска го нарече: „Талат Славески“.
„Имајќи предвид дека директорот по неговото стапување на функција ги раскина договорите на преку 100 лица во ЈП, сметам дека ваквата одлука како советници не треба да ја поддржиме, за да не го оптоваруваме со товар да се стави во искушение да вработи некого во ЈП во 2023 година“, кажа советникот Малиша Станковиќ.
Возврати и Арсовска.
„Многу чудно е како никој од вас не праша како успеал овој ваш директор на јавно претпријатие да вработи над 100 луѓе за два месеца, ама сега овој новиов, кој исто така можеби е ваш поддржувач не можеме да знаеме, прејудицирате дека нешто ќе направи во иднина па не поддржувате работа на јавно претпријатие и негова програма. Немојте потоа да барате од овој човек резултати, ако не дозволувате да работи како што треба. Ќе барате одговорност ако вработи над 100 лица за два месеца, како што вработил оној претходно којшто го фативме со рачињата во медот. Тогаш се бара одговорност. Зошто не прашате како успеал, каде ги најде овие 120 луѓе да ги вработи за два месеца? Како ги најде? Тој што ги пикнал внатре не им обезбедил решенија за работа бидејќи за тоа треба оглас да се пушти и треба да биде транспарентно. А тој си ги собрал од месни комитети за да земаат пари и пари, неброени пари таму и никого не известил за ништо“, кажа Арсовска.
На ова следуваше реакција од Славески, кој рече дека разрешениот директор на Водовод, Перински, не е медар. Советниците се смееја.
„Во име на советниците и во свое име, со оглед дека неколку пати се повторува синтагмата ‘рачиња во медот’, а сè уште трае сезоната на собирање мед, лично проверив, поранешниот директор на ‘Водовод и канализација’ не е пчелар. И јас замолувам, доколку советот има некои докази за сторен престап, да се изнесат“, Трајко Славески, сите се смееја.
Градоначалничката на Скопје му врати.
„Минатиот пат кога бев на оваа говорница имаше преседан, кога за првпат претседател на Совет исклучил градоначалник од говорница. Морам да ви кажам дека ако сте провериле за директорот дека не е медар, тогаш соодветно сте требале да проверите дека и јас за разлика од вашиот шпицен градоначалник не сум хаусмајстор. Така што, ако зборувате за јавни навреди, кои ги пласирате по јавноста, внимавајте на вашиот личен интегритет и не зборувајте за другите луѓе. Ако барате нешто од другите, појдете од себеси и својот интегритет да го ставите, за другите да слушаат што говорите“.
Потоа, Славески се впушти и во одбрана на Мицкоски затоа што Арсовска го нарекува „шпицен градоначалник“.
„Минатата и оваа седница слушаме странски зборови кои јас не ги разбирам, овде има превод од македонски-албански и обратно, се користат германизми, србизми, фрази како ‘смањите доживљај’ и ве молам да се придржуваме на Деловникот за работа за тоа кои јазици можат да се користат во салата на Собрание на Град Скопје“, кажа Славески.
Стефан Андоновски, советник од ВМРО-ДПМНЕ, ѝ порача на Арсовска да се моли пред слика на Мицкоски.
„Во секоја реченица градоначалникот употребува погрдни зборови за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо тоа, таа би требало да си закачи дома слика од него и да му се моли секој ден, затоа што да не беше тој таа немаше да собере потписи, а не да се кандидира за независен градоначалник. На мапа немаше да можат да ја најдат, да не беа Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како поддршка. Немаше да има 10 луѓе на митинг, да не беа ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Левица. Да не беше Мицкоски, на анкетите беше меѓу последните кои луѓето ги препознаваат, рејтинг имаше од 10 проценти бидејќи 90 отсто не знаеја за кого станува збор. Пред да ставате такви изрази во уста, размислете кој ве направил, кој ви ја поддржал кандидатурата, без која немаше да бидете ни директор на Стопански комори“, ѝ рече Андоновски.
Арсовска имаше одговор и на ова.
„Голема благодарност до членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски, тој поддржал кандидат кој победи. Ако мислел дека таа поддршка ќе му биде условена со дозвола да краде, лаже, манипулира – извинете тоа нема да се случи, ниту треба да услов за некој да му биле вечно благодарен. Тој што така пресметувал, се излажал. Величење на таква личност не треба да е во ничиј карактер. Цени народот и ве гледа“, рече Арсовска.
Трајковски ѝ го исклучуваше микрофонот на Арсовска, додека таа говореше за Мицкоски.
„Господине Талат Славески јас ве замолувам…“, рече Арсовска, по што претседавачот на Советот пак ѝ го исклучи микрофонот.
„Ова е лична навреда, ви одземам збор. Напуштете ја говорницата, јас имам име и презиме. Не правете сцени. Напуштете ја говорницата. Пауза од 20 минути“, рече Славески, по што ја запре седницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

