Македонија
Тренчевска: Задоволните граѓани се потврда за успешноста на заедничките проекти на кои работиме со Светската банка

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска оствари средба со претставници на Светската Банка, на која беа присутни Сара Кол-Блек, виш специјалист за социјална заштита од Светската банка, Вашингтон, Бојана Нацева, виш специјалист за образование, и Цвета Петрушевска-Јончевска, аналитичар од Канцеларијата на Светската банка – Скопје, како и претставници на Проектната единица во Скопје.
На денешната средба беа сумирани резултатите од проектот за подобрување на социјалните услуги, кој се спроведува со поддршка на Светската банка, како и идните чекори за преостанатиот период до завршување на проектот, јуни 2024 година.
Министерката Тренчевска изрази задоволство од досегашната соработка со претставниците на Светската банка, нивната експертска поддршка и прогресот на проектот, кој дава видливи и одлични резултати.
„Се гордееме на реализацијата на проектот за подобрување на социјалните услуги. Преку нашите теренски активности можеме да се увериме на позитивните резултати што ги дава Компонентата 1, Промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги. Особено, услугата помош и нега во домот, која нуди двојна придобивка, односно им ја дава потребната поддршка на оние на кои им е неопходна и тоа во нивниот дом и ги активира тешко вработливите лица од заедницата преку ангажирање како даватели на услугата“, рече Тренчевска.
Министерката го истакна и прогресот на реализација на Компонентата 2 од проектот, „Проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание“, кој покрај изградбата на инклузивни детски градинки по најсовремени светски стандарди, обезбедува и јакнење на капацитетите на стручниот кадар, а со тоа обезбедува поквалитетно предучилишно воспитание и образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.