Регион
Вучиќ од Бугарија: Вклучете го Западен Балкан во плановите на ЕУ за цените на енергијата
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, побара од ЕУ да ги стави земјите од Западен Балкан на заедничката листа на земји од ЕУ кога станува збор за цените на енергијата.
Вучиќ кој присуствуваше на пуштањето на гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција, рече дека настанот е од големо значење за Србија бидејќи земјата ја почна изградбата на интерконектор со Бугарија.
„Се надевам дека во 2023 година ќе можеме да одржиме голема церемонија“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека претстојната есен и уште потешка зима ќе бидат тешки за сите кога станува збор за цените и обезбедувањето доволни количества енергија и побара, обраќајќи и’ се на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, да се стават земјите од Западен Балкан на заедничка листа со земјите од ЕУ.
„Драга Урсула, не го слушајте 100 проценти мојот пријател Киријакос Мицотакис и не ги повторувајте 100 посто мерките од ерата на борбата против Ковид – благодарни сме за вашата поддршка, но кога зборуваме за пари, не можеме да ги апсорбираме овие цени на енергентите. Затоа ве молам вклучете го Западен Балкан на тој список заедно со другите од ЕУ и знам дека мојот пријател Мицотакис ќе се согласи нашите земји од Западен Балкан да ги ставите на ист список со земјите од ЕУ кога се во прашање цените и ќе бидеме бескрајно благодарни“, рече Вучиќ.
Мицотакис истакна дека земјите од ЕУ мора да дејствуваат заедно и да избегнат фрагментација на европскиот енергетски пазар.
Вучиќ рече дека е убеден оти сите ги очекува многу тешка есен и зима, а потешка отколку што очекува Лајен, која, како што рече, мора да биде оптимист кога зборува за тоа.
„Пред да дојдам тука имав дилема како ќе се однесува Урсула фон дер Лајен со мене, но беше многу љубезна и, знаете зошто го велам ова, иако се чувствував како ‘црна овца’ во друштво на овие големи пријатели, морам многу да и’ се заблагодарам и не се додворувам никому со ова – Урсула ни помогна многу кога е во прашање изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија и планирањето на интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија“, рече Вучиќ.
Тоа значи нова инфраструктура за Србија, нагласи тој, додавајќи дека потоа ќе може да се изградат нови краци од гасоводот кон другите земји од Западен Балкан кои се дел од ЕУ.
„Никогаш немаше да можеме да ги постигнеме тие цели без нашите пријатели, а без присуството на нашиот пријател, претседателот Илхам Алиев, немаше да можеме да сметаме на диверзификација на изворите за снабдување со гас“, рече Вучиќ, обраќајќи и’ се на Лајен.
Вучиќ му рекол на претседателот на Азербејџан, Алиев дека сега е многу популарен во Европа и дека не може да го достигне.
„Многу пати разговарав со него, но сега едноставно не можам да го допрам, Алиев е многу популарен во Европа и не знам што направил во меѓувреме, но би сакал да го сподели со мене рецептот за како успеал во тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека ова е многу важен ден за Србија и дека кога вели дека не претерува.
„Секогаш се собираме кога мислиме дека нешто важно се случува, иако нашите луѓе тоа не го сфаќаат од првиот момент“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека Азербејџан е вистински пријател кој е со Бугарија и во време на неволја.
Вучиќ претходно изјави дека Србија на нејзина територија започнала со изградба на гасен интерконектор со Бугарија и дека двете земји проектот ќе го завршат за една година.
Вучиќ: Србија нема да воведе санкции за Русија
Србија не воведува санкции кон Русија, бидејќи таа се бори за својата политика каде што може, а нашата политика е дефинирана со заклучокот на Советот за национална безбедност, рече Вучиќ.
„Новите случувања на геополитичката сцена ќе имаат сериозни последици за Србија, која ќе биде под голем политички притисок, раководството треба да се води од здравиот разум и да ја спаси својата земја во најголемата криза“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Објавени снимки од последните денови пред трагедијата поврзана со култ во Бугарија
Бугарската полиција и обвинителството денес презентираа детални информации за трагичниот случај со шест жртви во областа Петрохан – Околчица поврзани со култ.
Беше потврдена и образложена информацијата дека за мртвите мажи, пронајдени на 2 февруари кај хижата „Петрохан“, станува збор за самоубиство, а за телата пронајдени подоцна во кампер под врвот „Околчица“ – за убиство проследено со самоубиство, јави „Њуз.бг“.
На брифингот беа претставени снимки од шест камери, кои органите на прогонот ги споделија со медиумите. Станува збор за видеа од 31 јануари, 1 и 2 февруари 2026 година. Снимките се од надворешниот дел на панинарската куќа и приодот – од синџир во регионот, патот и крстосницата во близина, рампата, паркингот и задната порта на објектот.
Стана јасно дека дел од камерите снимале само при детектирано движење. На една од снимките се слушаат истрели во самата колиба, при што се гледа и пожарот во објектот. На 2 февруари веќе нема траги од луѓе и возила во периметарот на колибата.
На некои од снимките се гледа и секојдневието на ренџерите, како и пристигнувањето или заминувањето на џиповите што ги користеле. Кадрите прикажуваат и ритуал, во кој учесниците клекнуваат и се поклонуваат до земја, упатувајќи благодарности и молитви.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.

